Министерот Сарачини во посета на Централниот регистар
Последните реформи во делот на втората фаза од едношалтерскиот систем и проектот мета база беа тема на разговор на денешната средба меѓу министерот за економија Ваљон Сарачини и директорот на Централниот регистар Ванчо Костадиновски.
- Евидентни се реформите во делот на втората фаза од едношалтерскиот систем. Можеме да констатираме дека електронското отворање на трговско друштво, електронското поднесување документи во заложниот регистар и електронското следење на стечајните постапки, како и електронскиот регистар на лица на кои им е зАбрането да управуваат со трговско друштво веќе значително придонесоа за подобрување на бизнис климата во Република Македонија, изјави Сарачини по средбата.
Со третата фаза на едношалтерскиот систем, односно проектот мета база, додаде, се планира значителен напредок во однос на меѓусебното поврзување на неколку институции со цел граѓаните и деловните субјекти од едно место да можат да ги подигнат сите документи од делот на деловно-финансиските сфери.
- Министерството за економија заедно со Централниот регистар и другите институции во моментов прави мапирање на бројот на податоци за извештаи кои ќе бидат потребни да се доставуваат, како и финансиска конструкција на софтверското решение на овој проект и се надевам дека до јули годинава ќе почнеме со имплементацијата на третата фаза на едношалтерескиот систем, рече Сарачини.
Директорот Костадиновски додаде дека на средбата станало збор и за ефектите од воведувањето на втората фаза од едношалтерскиот систем и колку се користат.
- Радува фактот што корисниците почнуваат да ги користат електронските услуги, рече Костадиновски.
Станало збор и за можноста за изнаоѓање законско решение за да се избришат од базата на Централниот регистар неактивните форми, за електронскиот стечај и можноста податоците бесплатно да се добијат од веб страницата на Централниот регистар, за Регистарот на дисквалификувани ентитети, т.н. црната листа, како и за третата компонента на едношалтерскиот систем.
Во Трговскиот регистар на Централниот регистар на Република Македонија се евидентирани околу 110.000 трговски друштва од кои околу 26.000 се неактивни субјекти, а останатите поднесуваат годишни сметки и нормално функционираат во системот. Од 80.000 активни субјекти околу 67 до 68.000 поднесуваат завршни сметки, а 6 до 8.000 не го прават тоа. На црната листа на реална основа вообичаено се наоѓаат околу 20.000 правни лица и околу 25.000 физички лица.
- За неактивните субјекти работни групи веќе работат на утврдување на категориите по кој основ се неактивни и кога ќе се создаде предлог законско решение дел од нив ќе бидат избришани...За разлика од искуствата од претходните години, досега се поднесени околу 65.000 завршни сметки. Се надеваме дека овој тренд ќе продолжи и во законскиот рок до 1 април сите 80.000 активни субјекти ќе поднесат завршни годишни сметки, рече Костадиновски.