„Ви порачувам да бидете горди сите припадници на Армијата и поранешни и сегашни, затоа што во пишувањето на влезницата за НАТО вие имавте клучна огромна улога. Триесет години надеж и исчекување ги претворивме во резултат. Станавме 30. членка на Алијансата и дел од најмоќниот воено-политички сојуз на денешницата“, истакна во својот говор заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на централната прослава на 18. Август Денот на Армијата.
„Сакам да се заблагодарам и на довербата која граѓаните мене ми ја дадоа да учествувам и докрај да истерам два клучни процеси за нашата татковина: ЕУ кандидатскиот статус, но сега пред се членството во НАТО, додаде Шекеринска.
Кога дојдов пред три години на чело на одбраната не можев да се помирам со состојбите што ги затекнав, рече министерката. „За да го заработиме членството во НАТО но и за да го подобриме статусот на припадниците на Армијата исполнивме неколку услови. Зголемување на буџетот на Армијата за повеќе од двапати, зголемување на платите, нова лична и борбена опрема, нови закони што ќе ја поддржуваат Армијата. Така успеавме да станеме членка на НАТО“, посочи Шекеринска.
Министерката се заблагодари на Канцеларијата за соработка во одбраната на САД за 26 години, како што рече, заеднички пат во едукација, обука и развој на способностите на Армијата, за што американската канцеларија е одликувана од претседателот Пендаровски со Орден за воени заслуги. Орден за воени заслуги добија и баталјоните од Командата за операции и Баталјон за воена медицинска поддршка кои беа во првите редови во кризата со ковид и со мигрантите.
На прославата на 28-от роденден на Армијата на Република Северна Македонија зедоа збор и претседателот Стево Пендаровски и началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, а присуствуваа и премиерот Оливер Спасовски, како и други високи гости од одбраната и дипломатијата.