Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, оствари средба со амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја, Н.Е. Ангел Ангелов, кој му ја пренесе официјалната честитка по повод добивањето на вториот мандат и изборот на новата Влада посакувајќи му успешна работа во насока на обезбедување стабилност и економски просперитет на граѓаните на двете земји.
Премиерот Заев во разговорот со амбасадорот истакна дека Владата во наредниот четиригодишен мандат останува посветена на стратешките цели, меѓу кои важно место зазема нашата заложба за исполнување на нашите обврски од членството во НАТО и забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија.
Премиерот Заев и амбасадорот Ангелов се согласија дека со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се поставени одлични темели за понатамошна соработка меѓу двете земји.
На средбата беше истакнато дека двете земји продолжуваат да ги остваруваат придобивките од заедничкото претседателство на Берлинскиот процес за Западен Балкан, во насока на олеснување и промовирање на конкретните чекори кон регионален економски развој, со цел надминување на економско-здравствената криза предизвикана од КОВИД-19, како и соработка во останатите области.
Двајцата соговорници, премиерот Заев и амбасадорот Ангелов се согласија дека Северна Македонија и Република Бугарија продолжуваат со силната посветеност на зајакнување на соработката меѓу двете земји, која ќе продолжи да се развива во позитивна насока и со голема волја за решавање на сите предизвици.