Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се сретна со Карло Ромео, амбасадор на Република Италија во нашата држава.
На средбата е реафирмирана поддршката од италијанскиот премиер Џузепе Конте и од Република Италија за скорешни натамошни исчекори во европските аспирации на земјава, по членството во НАТО. Нагласено е дека Италија е искрен партнер на Северна Македонија и меѓу најискрените пријатели на нашата држава и дава силна поддршка за напредокот на земјава.
Премиерот Заев изрази благодарност до премиерот Конте, до Република Италија и до амбасадорот Ромео, за време на чијшто 4-годишен мандат, се случија историските настани за нашата држава, демократски напредок и прогресот во евроатлантските перспективи.
„Како Влада, целосно сме посветени на евроатлантскиот пат и на предвидливост и стабилност за граѓаните и за државата во полн мандат“, рече премиерот Заев.
На состанокот е констатирано дека постојат можности за уште поголемо унапредување на билатералните односи помеѓу двете држави на планот на трговијата, културата, енергетиката, инфраструктурата. Изразена е заедничка определба кон заштитата на здравјето на граѓаните и на економијата во периодот што претстои, како на национално ниво, така и низ меѓудржавна активна соработка.