Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорката на Украина, Н.Е. Наталија Задорожњук, со која се согласија дека двете земји имаат пријателски односи и услови за продлабочување на економската соработка, зголемување на трговскиот промет и интерес за зајакнување на соработката во повеќе сфери.
На средбата премиерот Заев истакна дека двете земји имаат заеднички стратешки цели, остварување на евроатлантските интеграции и со украинската амбасадорка разговараа за мерките кои во двете земји се преземаат за полесно справување со здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на КОВИД-19.
На средбата, амбасадорката Задорожњук на премиерот Заев му предаде честитка од неговиот колега, премиерот на Украина, Денис Шмихал по повод претстојниот празник, 8 Септември - Денот на независноста на нашата татковина со желби за продолжување на традиционално пријателските односи и исполнување на потенцијалот во поглед на ефективна билатерална соработка.