Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.
Премиерот Заев со амбасадорот Која разговараше за состојбата во земјата по одржаните предвремени парламентарни избори и формирањето на новата Влада.
Заев изрази уверување и посочи дека вториот мандат е одлична можност, Владата во наредниот четиригодишен мандат да продолжи со имплементацијата на заедничките приоритети, членството во НАТО и Европската Унија како и унапредување на добрососедските односи, посветеноста за ефикасно владеење на правото и продолжување на севкупните реформи во земјата за подобрување на стандардот на граѓаните.
Соговорниците се согласија дека долгогодишната соработка со Мисијата на ОБСЕ продолжува во повеќе различни области и програми во насока на унапредување на меѓуетничките односи, реформата на полицијата и безбедносните структури, медиумските слободи, изборните реформи, интегрирано образование, во областа на човековите права и антидискриминацијата.
Соговорниците, исто така, разменија мислење и за предизвиците во справувањето со пандемијата на КОВИД-19, како и за мерките кои се преземаат на национално и локално ниво од институциите во земјата.