Воведувањето на комбинираниот модел за настава со можност за брзо прилагодување на училиштата за настава со физичко присуство или за онлајн настава, како и започнување на учебната година на 1 октомври е одговор на корона кризата. Ова го соопшти министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната прес-конференција на која ги презентираше приоритетите на Министерството за образование и наука(МОН) во слeдниот четиригодишен период.
„Пандемијата на КОВИД-19 ни покажа колку е важно образовниот систем да се менува, приспособува и осовременува и тоа го правиме. Наскоро пред јавноста ќе ја презентираме Единствената национална платформа за онлајн учење. Навистина се гордеам што за првпат како држава ќе имаме национална платформа. Оваа платформа ќе ни користи и во иднина, како поддршка за учењето во училници“, појасни министерката Царовска.
Говорејќи за приоритетите, Царовска рече дека нејзина, но и владина врвна заложба е обезбедувањето квалитетно образование за сите деца. Образование кое ќе биде гордост на државата.
„Владата се обврза да развива квалитетно образование достапно на сите, образование кое ќе создава граѓани кои ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи. Верувам во еднаквоста. И моја лична определба е секое девојче и момче, низ образовниот систем, да се изгради во личност која ги почитува и негува граѓанските права, толеранцијата и различностите. Како заедница, како Влада, како министерство и како министерка се заложувам за воспитување и образување во духот на мултикултурализмот и создавање на кадар оспособен да одговори на побарувачката на пазарот на трудот“, посочи министерката.
Еден од приоритетите на МОН ќе биде и подобрувањето на оценките на меѓународните тестирања.
„Секој од нас и јас како министерка сакам нашите деца да бидат на исто рамниште на знаења и способности со најдобрите. Тоа ќе го достигнеме преку образовна реформа базирана врз детална анализа на резултатите од меѓународните тестирања. Само со заеднички заложби на Министерството, училиштата, наставниците и родителите, резултатите од тестирањата ќе станат наша гордост“, нагласи Царовска.
Создавање мотивиран наставен кадар и враќање на достоинството на професијата наставник, како една од најважните алки во пренесувањето на знаењето, е меѓу приоритетите, и затоа ќе се вложува во кариерниот развој и унапредувањето на наставниците како и во соодветно вреднување на нивниот труд. МОН интензивно ќе работи и на јакнење на стручните училишта, со цел секој ученик по излегувањето од стручно училиште да може без проблеми да се вклучи во работниот процес, обезбедувајќи си добро платена работа и сигурна иднина.
Инвестициите во подобрувањето на условите за учење ќе се прават плански и паралелно со изградбата на нови училишта, ќе се одржуваат постоечките, а нема да бидат заборавени ниту студентските домови, кои треба да бидат пристојно место за живеење на студентите.
„Младите се наш многу важен фактор во носењето на сите политики поврзани со школувањето и подобрувањето на младинскиот стандард. Очекувам нивна активна вклученост, иницијативи, идеи и поддршка“, посочи министерката за образование и наука Мила Царовска.
Мандатното писмо до министерката за образование и наука Мила Царовска е потпишано од претседателот на Владата Зоран Заев.