Институциите ги следат сите околности со пандемијата со коронавирусот и се носат одлуки каде што здравјето на граѓаните е на прво место, посочи претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во интервјуто во емисијата „Отворено студио“ на Националната телевизија.
„Платформата за следење на наставниот процес ќе биде подготвена навреме. На неа работат факултетот ФИНКИ, коморите како што е МАСИТ и сите други коишто се вклучени во процесот, точно знаат кои сè чекорите за се да биде навремено подготвено, знаат кој е периодот на тестирање, на издржливоста. Мора да ги предвидиме сите околности за физичкото присуство на учениците но и теоретски ако најголем дел не исполнат услови и бидат на онлајн платформата таа да биде функционална. Највисок приоритет останува здравјето на граѓаните, во овој случај здравјето на дечињата. Треба да ги земеме сите аспекти како капацитети на државата за справување во најлесни и најтешки околности. Кога се работи за децата никако не смееме да дозволиме да бидеме во состојба да бираме кои 20 кои 30 деца ќе бидат примени во болница или не, подалеку од тоа, не смееме никако да дозволиме ниту едно дете да заврши во болница“, порача премиерот Заев.
Одговарајќи на прашање за евентуални нови рестриктивни мерки во есенскиот период, претседателот на Владата, Заев искажа уверување дека тоа нема да се случи, затоа што верува во свесноста на граѓаните, но и во ефикасноста на инспекциските служби задолжени за спроведување на мерките и задолженијата за заштита од коронавирусот.
„Надежта ми е кај граѓаните дека ќе ги почитуваме мерките, колку помалку почитуваме мерки толку повеќе ќе има рестриктивни мерки и во делот на движењето. Доминантниот фокус е на личните средства за заштита, носење маска, редовна дезинфекција, држење дистанца. Нашата надеж како држава, како извршна власт е прво ние, а после сите други да ги почитуваме експертите и професионалците што ќе го кажат. На крајот, личната заштита е тоа што дава најголеми ефекти“, порача Заев.
Премиерот Заев најави дека следува процес на доекипирање на инспекторатите за нивна уште поголема ефикасност, додавајќи дека нема да има амнестија за ниту еден граѓанин кој ги прекршил мерките и задолженијата.
„Покрај самоодговорноста и санкционирањето секаде во светот функционира и треба да функционира и кај нас. Затоа инспекциските служби почнуваат во постапки за нивно доекипирање и дооформување. Верувам дека ќе се најдат луѓе дури државата размислува како да ги мотивира со плати. Санкциите ќе продолжат, никој нема да биде амнестиран. Јавно апелирам до сите, тоа е наредба и на Владата секоја казна којашто е изречена мора да има конечна ефектива односно да биде платена“, посочи премиерот Заев.