Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорката на Црна Гора, Н.Е. Марија Петровиќ, со која потврдија дека двете земји негуваат одлично пријателство и соработка, почитуваат исти вредности, а тоа се Европската Унија и НАТО.
На состанокот беше истакнато дека Република Северна Македонија игра конструктивна улога во унапредувањето на односите на регионално ниво, меѓу земјите на Западен Балкан и претставува добар пример каде граѓаните покажаа демократска зрелост и се одлучија за владеење на правото и демократските вредности.
Откако му ги пренесе честитките од црногорскиот премиер Душко Марковиќ и посака успешна работа на новата Влада во новиот четиригодишен мандат, црногорската амбасадорка Петровиќ со премиерот Заев се согласија дека продолжуваат во насока на подобрување на билатералните односи и ефективна трговска и економска соработка.