Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го прими амбасадорот на Република Полска, Н.Е. Војциех Тицињски, кој му пренесе честитки за победата на изборите и формирањето на Владата од полскиот колега, премиерот Матеуш Моравјецки.
На средбата беше изразено задоволство од континуирано плодната соработка и цврстите пријателски односи меѓу двете земји и посебно беше нагласена јасната поддршка од Полска за започнување на пристапните преговори со Европската Унија и плодната соработка како НАТО сојузници.
Премиерот Заев посебно ја нагласи поддршката на земјите на Вишеградската група (В4), чиј актуелен претседавач е Полска и заедно со Чешка, Унгарија и Словачка се стабилни партнери и поддржувачи на регионалната соработка, залагајќи се за успешна интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
На средбата беше оценето дека Северна Македонија со политиките на пријателство и без отворени прашања со соседите е одличен пример за останатите земји на Западен Балкан и беше изразена волја за унапредување на одличната досегашна соработка како во поглед на мерките за совладување на економско-здравствената криза и во однос на економско-трговската соработка.