„Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици, и само заедно можеме да ги надминеме, со поблиска соработка и со поголема солидарност. Затоа треба да продолжиме да инвестираме во добрососедски односи, да ги надминуваме отворените прашања со дијалог и толеранција и да ја подобруваме регионалната соработка“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на панелот посветен на иднината на Западен Балкан на конференцијата на угледниот магазин „Економист“ организирана како тркалезна маса со Владата на Грција и учесници од регионот на тема „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“ за брз и ефикасен излез од кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19.
„Најдобрата иднина за регионот на Западен Балкан е да се продолжи со евроатлантските интеграции, и ниту една друга опција не е алтернатива“, додаде премиерот Заев и потсети дека Договорот од Преспа е одличен пример за успехот на дипломатијата и дијалогот и дека оконча едно отворено и тешко прашање кое траеше предолго.
„Резултатот од последните парламентарни избори во Северна Македонија покажува дека граѓаните знаат и да ги наградат политичарите кои донесуваат тешки одлуки кои се добри и од огромно значење за иднината на земјата и граѓаните. Потребна е силна политичка волја за да се решаваат сите деликатни прашања и тоа е охрабрувачка порака за Западен Балкан. Се надевам дека нашите постигнувања, договорите со Грција и Бугарија, се доволно инспиративни за лидерите во регионот да се посветат на негување на мирот и стабилноста, да ја зајакнеме регионалната соработка, да постигнеме поголем економски развој и да останеме до крај посветени на евроатланските интеграции“, потенцираше претседателот на Владата Зоран Заев, на конференцијата на „Економист“ во Атина, на која од наша страна учествуваат и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Премиерот Заев нагласи дека за него е од особено значење што неговото прво службено патување надвор од земјата во вториот мандат како претседател на Владата на Северна Македонија е работната посета на Република Грција, која освен учеството на конференцијата на „Економист“, вклучува и средби со премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателката Катерина Сакеларопулу.
Настанот во организација на „Економист“, подвлече премиерот Заев е сериозна платформа за дебата за сегашноста и иднината на нашиот регион, и учеството на сите угледни и влијателни гости на конференцијата од политиката и бизнис заедницата е одлична можност за размена на идеи и за соработка за долгорочна политичка стабилност како предуслов за економски раст на земјите од опкружувањето.
„Во вториот мандат формирав Влада со помалку ресори со цел да бидеме поефикасни. Влада со стабилна политичка структура и со силна евроатланска ориентација која ќе продолжи да ги следи нашите стратешки приоритети, политиките на НАТО и ЕУ, добрососедските односи и подобрувањето на внатрешната кохезија. Во исто време, ќе се фокусираме на справување со КОВИД-19, на зајакнување на владеењето на правото и на создавање на динамичен економски раст“, рече премиерот Заев, и додаде дека во однос на справувањето со КОВИД-19 од исклучителна важност беше и останува соработката со ЕУ и покажаната солидарност со непосредната помош за сите земји од Западен Балкан, со овозможениот пристап до платформите за соработка резервирани за земјите-членки, како и за значителната финансиска и економска поддршка.
На панелот посветен на Западен Балкан на конференцијата „Економист“ која оваа година е посветен на темата „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“, свои обраќања имаа и премиерот на Албанија Еди Рама, и поранешните министри за надворешни работи на Грција, Дора Бакојанис и Јоргос Кутрогалос.