Сигурен транспорт
Економскиот развој, стабилност и комуникација со земјите од регионот и Европа директно зависат од транспортната инфраструктура. Брзи и безбедни патишта, како и пократко време за транспорт се главните елементи за модерна инфраструктура на една држава, а со тоа и задоволни граѓани.
Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи со спроведување на десетгодишната стратегија за развој на патната инфраструктура, модернизација и безбедност преку крупни инвестиции во висина од дополнителни две милијарди евра.
Во текот на овој мандат ќе ги започнеме или завршиме изградба на следните патни правци:
- автопати во должина од 260 километри и тоа: Кичево – Охрид (во изградба), Скопје – Блаце (во изградба), Велес - Прилеп – Битола (започнуваме со изработка на проектна документација), Струга – Требеништа, Струга – Ќафасан, Гостивар – Кичево и Тетово – Гостивар (проширување на постоечка делница)
- експресни и регионални патишта во должина од 300 километри и тоа: Смоквица – Струмица – Ново Село, обиколница Битола – Меџитлија, Штип – Радовиш (во изградба), Извор-Бошков Мост, експресен пат Штип – Кочани (првата делница Штип - Крупиште ја пуштивме во употреба, продолжуваме со делницата Крупиште – Кочани која е во изградба), Куманово – Крива Паланка, делница Куманово – Ранковце и делница Ранковце – Крива Паланка (во изградба), Делчево – Кочани, Градско – Прилеп (во изградба) и обиколница Тетово (клучка Требош-Порој-Непроштено). За патот Тетово-Призрен врз основ на физибилити студија, заедно со косовската страна ќе анализираме што е економски оправдано решение.
- локални патишта во должина од 950 километри: Владата ќе ги продолжи инвестициите преку којшто во изминатите три години работевме на изградба на локални патишта низ целата држава со цел подобрување на условите за живот. Преку оваа програма веќе се обезбедија средства за рехабилитација на преку 450 километри локални патишта и улици, со што ќе се овозможи полесен и побезбеден пристап на граѓаните до болници, училишта, спортски објекти, културни и верски центри и други објекти од јавен и општествен интерес. Секоја општина од вкупниот износ од 70 милиони евра ќе има на располагање финансиски средства во висина од 500 000 евра до најмногу 1 600 000 евра за изградба и санација на локалните улици и патишта. Еден дел од овие средства интервентно беа насочени кон справување со светската пандемија, во договор со Светска банка и за овие средства, како и за дополнителни средства за уште 500 км локални патишта, Владата ќе обезбеди дополнителни финансиски средства.
- Рехабилитација на патишта во должина од 1500 километри: Катланово - Петровец, Хиподром - Петровец, Миладиновци - Петровец, Миладиновци - Хиподром, Скопје – Блаце, Катланово - Велес, Велес – Градско – Неготино - Демир Капија, Битола - Демир Хисар, Крушево - Демир Хисар, Другово - Демир Хисар, Кривогаштани - Крушево, Крушево-Слива-Пуста Река, Битола и граничниот премин со Грција, Фаришка Клисура – Прилеп, Карпалак – Желино, Мислодежда – Збажди, Подмоље - Струга – Ќафасан, Охрид - Св.Наум, Кичево-Македонски Брод, Маврови Анови - Жировница, Никифорово – Леуново – Бунец, Узем - Тораница, Македонска Каменица – Саса, Куманово – Страцин, Кочани - Пониква, Струмица - Берово, Свети Николе – Неокази, Кондово – Радуша, Гевгелија – Богданци, автопатот Табановце – клучка Т, автопатот Карпалак - Желино.
Паралелно со ова, Владата на Република Северна Македонија ќе инвестира во изградба на мостови, но и санирање на црни точки и генерално инвестирање во зголемување на безбедноста на сообраќајот по нашите патишта. Тоа ќе започне со изградба на интелигентен транспортен систем (ИТС) на Коридор 10. Системот предвидува контрола и информирање при временски неприлики, застој на патот, мерење густина на сообраќај и тежина на тешки возила, контрола при транспорт на опасни материи и друго.
Владата ќе создаде инфраструктура задолжена за следење и унапредување системот за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Посебен фокус ќе се стави на реновирање и проширување на двата гранични премини Ќафасан и Деве Баир со што ќе се подобрат условите за работа во административните објекти, ќе се олеснат царинските формалности и ќе се овозможи побрз проток на луѓе и стоки. До крајот на 2020 година ќе се направи студијата за идниот развој и проширување на капацитетите на граничните премини, со конкретни препораки за идни вложувања и можности за заеднички гранични премини. Во таа насока, ќе го анализираме можното проширување на капацитетите на граничниот премин Јажинце заедно со патниот правец Тетово-Јажинце и отворање на граничниот премин Лојане-Миратовац.
Владата ќе се ангажира за подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура преку понатамошните инвестиции во изградбата на пругата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка-Деве Баир, продолжување на ремонтот на Ногаевци-Неготино, заедничка гранична железничка станица Табановце, изработка на проектна техничка документација за електрифиција на пругата Скопје–Скопје Север–Ѓорче Петров–Волково-Блаце и заеднички железнички граничен премин со Република Косово и за нова пруга Миладиновци-аеродром Петровец, изработка на целосна техничка документација Кичево-Охрид-Струга и Кичево до Лин, Албанија, подготовка на проектна техничка документација за реконструкција, рехабилитација на железничката пруга Скопје - Кичево како дел од Коридорот 8, изработка на пилот-проект за кракот Зелениково – Драчево – Лисиче – Пинтија – 11Октомври – Скопје Патничка.
Во областа на воздухопловниот сообраќај Владата ќе креира нова, функционална и одржлива национална стратегија за негов развој. По завршување на ковид кризата, ќе бидат воведени нови дестинации за зголемување на бројот на летовите, пораст на бројот на патниците, зголемување на нивото на безбедноста и овозможување на ефикасен, уреден, безбеден и еколошки одржлив воздухопловен транспортен систем достапен под еднакви услови за сите.