Образование

Владата на Република Северна Македонија верува дека најголемиот влог во иднината на нашите деца и млади го правиме во образованието. Доброто образование гради слободни граѓани, ја засилува економијата и го зацврстува демократското ткиво. Овие цели стануваат уште поактуелни во време во кое се справуваме со старите и нови предизвици, време кое светот го врзува за четврта индустриска револуција и кое наметнува сосема нови барања пред идните генерации. Владата ќе развива квалитетно образование достапно на сите; образование кое ќе создава кадри кои ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи. Сакаме образование што ќе изгради личности кои ќе ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите, ќе се воспитуваат и образуваат во духот на мултикултурализмот и ќе се оспособат за позитивен одговор на побарувачката на пазарот на труд.

Резултатите од меѓународното тестирање ПИСА во 2018 година во споредба со 2015 година покажуваат значителен напредок на просечните постигања на учениците во сите тестирани подрачја: природни науки за 29 поени, читање за 41 поен и математика за 23 поени и покажуваат дека имаме најголем пораст во резултатите по држави. Но, ова воопшто не не задоволува бидејќи дури и тие, повисоки оценки се многу ниско на скалата на писменост и знаење. Ова е прашање на врвен национален интерес – да го форматираме образованието и да го подигнеме квалитетот за да можеме да се носиме со предизвиците на новото време. Нашето образование мора да се прилагодува и на новите глобални околности. Пандемијата на COVID-19 ни покажа колку е важен капацитетот на образовниот систем да се менува, прилагодува и осовременува. Научените лекции од првите обиди за online образование во последните месеци од оваа учебна година ќе ни бидат добра основа за следните реформски чекори. 

Во создавањето на квалитетно образование многу ќе вложиме во човековиот потенцијал. Клучот на успехот е наставникот, а без професионални и мотивирани наставници нема квалитетно образование. Затоа ќе овозможиме континуиран професионален развој на наставниците преку бесплатни обуки од акредитирани провајдери, а стекнатите знаења од обуките ќе  можат да бидат применети при реализацијата на наставните содржини. Наставниците кои континуирано ќе учат и ќе се надградуваат ќе добиваат и повисоки надоместоци, согласно изменет правилник за плати и надоместоци.

  • За 3 месеци ќе завршиме со целосна анализа на резултатите од ПИСА тестирањето и конкретните препораки кои од тоа произлегуваат за вистински и ефикасни реформи во образованието. Ќе организираме тестирања слични на ПИСА во секое полугодие и секое училиште. Овие тестови ќе бидат анонимни и нема да влијаат на оценките за учениците ниту наставниците, но ќе помагаат на училиштето и на педагошката служба да изработат конкретни мерки за подобрување на образованието во секое училиште. Воедно, така ќе го намалиме стресот од тестирање кај учениците. Ќе ги поканиме сите општини да се вклучат во оваа задача и да ја поддржат. 
  • Ќе се применат препораките кои се дел од анализата подготвена во соработка со OECD и UNICEF со Акциски план донесен од Министерство за образование што ќе се инкорпорира во Стратегијата за развој на образованието 2018-2025.
  • Ќе продолжиме да инвестираме во мотивирани наставници. Владата ќе инвестира во кариерен развој и унапредувањето на наставниците. Платите ќе ја вреднуваат и надградбата на кадарот. Во соработка со меѓународните партнери, ќе го лоцираме најсоодветниот модел за вреднување на трудот и квалитетот на наставниците. Со новите правилници, наставниците ќе имаат повисоки плати доколку имале обуки и стекнале нови компетенции. Дополнително ќе ја намалиме административната работа на наставниците, со цел тие потполно да се фокусираат на учениците и образовниот процес. Во поддршка на подобар наставнички кадар, Владата ќе понуди стипендии за одлични студенти на факултетите за наставници.
  • Ќе продолжиме со фокусот на дуалното образование. Со инвестициите во програмите и опремувањето, тие веќе стануваат поатрактивни. Ќе ги зголемуваме капацитетите за вакво образование, а програмите ќе ги дебатираме со бизнис заедницата и пред почеток на уписите ќе имаме консултации со нив во поглед на квотите за упис по определени профили.
  • Образовната реформа  ќе  значи  фокус  на  логичкото  размислување  и  решавање  на логички задачи базирани на анализи кои ќе започнат уште во првиот циклус на деветгодишното основно образование. Дополнително, ќе се ангажираме за промоција на целодневно учење.
  • Ќе дадеме можност на програмерски компании во земјата да развиваат софтвер компатибилен на наставниот план и програма во нашиот образовен систем. Во соработка со информатичките факултети, студентите кои се во завршните години од студиите ќе имаат можност да креираат онлајн базирани решенија каде на едно место ќе бидат сублимирани: извори на информации, практични задачи и примери од добра пракса за иновативното користење на ИТ технолгијата.
  • Ќе донесеме Национална стратегија за дигитализација на образованиот систем. Со тоа ќе ја дефинираме и озакониме наставата од далечина како можно алтернативно решение за учење со примена на средставата за електронска комуникација без физичко присуство на чинителите. Еден владин тим целосно ќе се посвети на развојот на дигитални форми и содржини во образованието.  Со помош на домашните програмерски куќи и поддршка од информатичко-техничките факултети ќе креираме централна национална платформа со двонасочна комуникација, база со примери на добри пракси, наставни планови и програми, електронски учебници, електронски портфолија на наставниците, електронско досие на учениците и сл. педагошка евиденција и документација која ќе биде user friendly за  примена од страна наставниците, учениците и родителите, но и од образовните институции. Така ќе ја подготвуваме следната генерација за новото време и технологии, а воедно ќе имаме зголемен капацитет за справување со кризи од типот на последната пандемија. 
  • Во буџетот на Министерството за образование и наука и ФИТР ќе обезбедиме програма за поддршка на продукција на видео-клипови како училишни материјали со содржини и теми од предметите, за што ќе можат да конкурираат сите наставници од основно и средно образование. На тој начин може да ги стимулираме наставниците покреативно да пристапуваат на наставата, да користат искуства на други и повеќе да ги заинтересираат учениците дури и за содржини кои им се далечни. Воедно така ќе создадеме и подеднакви можности за учење во развиените и во неразвиените региони.
  • Ќе ја промениме методологијата за пишување и издавање учебници. Ќе се преиспитаат одредени учебници поради застареност на содржините, несоодветност на јазикот и стереотипи кои мора да ги надминуваме. Ќе воведеме електронски учебници на сите наставни јазици достапни за секој ученик.
  • Ќе ја преиспитаме формулата за финансирање на основните и јавните средните училишта. 
  • Ќе направиме функционална анализа на мрежата на средни училишта врз основа на потребите на пазарот на трудот и регионалниот економски развој.
  • Ќе формираме регионални „ВЕТ“ центри. Во рамките на програмата „ЕУ за млади“ – Секторски реформски договор – направена е измена во законот за средно стручно образование во однос на начинот и избрани се три средни стручни општински училишта да продолжат да работат како регионални ВЕТ центри. Селектирани се три училишта, и тоа Средното стручно општинско училиште „Киро Бурназ“, Куманово, Средното општинско стручно училиште „Моша Пијаде“, Тетово и Општинското угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“, Охрид. 
  • Екипирање на стручните служби во училиштата за основно и средно образование со тимови од најмалку тројца соработници (педагог, психолог и дефектолог).
  • Целта ќе ни биде да инвестираме во подобро опремени училишта (наставен материјал, лаборатории и слично) и помали одделенија (до 20 деца во одделение).
  • Спортската академија ќе се преструктуира и ќе се смести во новиот модерен спортски комплекс.
  • Владата ќе ги финансира нашите најдобри ученици и студенти. Ќе обезбедиме финансиска поддршка на ученици и нивни ментори за учество на меѓународни олимпијади и натпревари, а со закон ќе обезбедиме и парични награди за првите три освоени места. Ова веќе е започнато преку Фондот за иновации и технолошки развој ФИТР каде што направивме посебна програма за поддршка на учеството на младите на натпревари и научни саеми. Ќе креираме награда за млади научници.
  • Ќе изградиме или реконструираме основни и средни училишта во Аеродром, Скопје, Студеничани, Бутел, Велес, Тетово, Чучер Сандево, Чаир, Кисела Вода, Куманово, Арачиново и други. Ќе ги опремиме регионалните центри за стручно образование и обука (VET центри) во Тетово, Куманово и Охрид. Ќе ја изградиме математичко-информатичка гимназија и Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“во Скопје. Ќе вршиме изградба, реконструкција, санација и обезбедување на енергетска ефикасност на студентските домови; Ќе планираме изградба на спортски сали во повеќе училишта каде тоа недостига. 
  • Ќе ги подобриме учебниците за изучување на мајчиниот јазик на сите помалубројни заедници.
  • Ќе формираме оддел за научни истражувања во рамките на Фондот за иновации и технолошки развој. Од буџетот на одделот ќе се финансираат национални научно- истражувачки проекти што ќе ги зајакнат капацитети на универзитетите и научните институти со ставање во функција на постоечката научно-истражувачка опрема. Одделот ќе се формира во 2020 година, со цел во 2024 година вкупното издвојување за наука да биде до 1,5%. 
  • Ќе помогнеме на конкурентноста на универзитетите и овозможување нивна соработка со престижни странски универзитети за заедничко учество во меѓународните програми за финансирање на проекти со финансиска и техничка поддршка на проектните тимови при конкурирањето. Исто така ќе го промениме националното законодавство за финансиско работење кај меѓународните проекти со цел нивна поедноставна реализација.
  • Ќе понудиме државни квоти за постдипломски студии во државата за оние студенти кои имаат завршено додипломски студии според ЕКТС за да можат да стекнат 240 кредити. Освен стипендирање на студентите на додипломски студии, ќе воведеме и стипендирање на магистерски студии од дефицитарните струки, како и стипендирање на талентирани студенти што ќе овозможи задржување на младите да студираат во земјата.
  • Ќе направиме систем со кој полесно ќе се задржуваат најдобрите дипломирани студенти да работат научноистражувачка и високообразовна дејност на универзитетите и научните институти преку побрзи процедури на одобрување на вработување (по пензионирање) и стипендирање на нивните докторски студии.
  • Поставување на механизми за конкурентност и евалуација во високото образование согласно критериумите на Шангајската листа и рангирање на универзитетите со цел зголемување на квалитетот на високото образование.
  • Во високото образование во квотите за упис на припадниците на заедниците предност ќе имаат учениците кои ќе покажат знаење или диплома за познавање на мајчиниот јазик.