Спорт и рекреација
За Владата на Република Северна Македонија спортот е важна алка која придонесува кон развој на прогресивно и инклузивно општеството, овозможува социјална интеракција и позитивно влијае во ширењето на основни етички принципи кај сите категории на граѓани, посебно кај младите луѓе. Спортот има витална улога во подигнување на социјалната вклученост, во градење на отворени, толерантни општества, спортот ги учи вредностите на тимската работа, дисциплината и лидерството како и на наградата за напорната работа и за постигнатиот резултат.
Целта ни е да креираме систем во кој ќе напредува спортот и спортските резултати; систем кој воедно ќе го јакне квалитетот на живот, социјалната интеракција и ќе овозможува вистински развој на личноста и здрав начин на живот на што е можно поголем број граѓани.
Затоа, нашите индикатори за успех ќе се: зголемен број на граѓани и млади кои спортуваат, зголемен број на стручни спортски кадри, постигнување врвни резултати и афирмација на врвниот спорт, зголемување на бројот на жени во спортот, квалитетна спортска инфраструктура, подобрување на статусот на спортистите и спортските работници, афирмација на олимпизмот и нулта партизација во спортот.
Во следните 4 години ќе ги спроведуваме следниве политики:
- Со ваучер системот продолжуваме да обезбедуваме повеќе пари за спорт и истиот ќе го поедноставиме и унапредуваме со цел поголема поддршка на спортот, спортистите и спортските субјекти. Во 2020 успеавме да обезбедиме дополнителни 10 милиони евра во спортот, како и буџетски 6 милиони денари за системот на млади спортски надежи. Целта ќе ни биде овој износ на ваучерите да расте до 15 милиони евра на крајот на мандатот.
- Ќе донесеме законско решение со кое ќе се регулира стажот на спортистите.
- Воведуваме родова еднаквост во спортот – 30% жени во органи на управување (собрание, УО, ИО) почнувајќи од 2020 година, а 50% до 2024. Федерациите кои добиваат финансиски средства од државниот буџет мора да обезбедат функционирање на машки и женски спорт, односно машки и женски спортски клубови и/или репрезентации.
- Ги затоплуваме, ги правиме енергетско ефикасни, им даваме мултифункционална димензија и ги ставаме во функција сите постоечки спортски објекти за потребите на сите спортисти и граѓани.
- Ќе создадеме Спортски фонд за врвен спорт (репрезентативен, индивидуален и клубски спорт).
- Сите спортски објекти во сопственост на државата и општините кои се даваат на концесија или се под ЈПП ќе мора да обезбедат 15% од термините за деца и млади од социјално ранливи категории.
- Целта ни е да го зголемиме бројот на млади кои спортуваат за 30%. Ќе ги повикаме сите наставници по физичко образование и спорт од сите училишта секоја сабота на 2 часа организиран спорт на отворено: атлетика, планинарење, пешачење, фудбал, кошарка, спортски игри.
- Ќе соработуваме со фирмите за спортска опрема да помогнат со промоција и поддршка. Првиот семестар ќе вежбаат во рамките на училиштето, а во вториот семестар ќе се организира училишна олимпијада. Трите првопласирани училишта ќе добијат спортска опрема за училиштето за награда.
- Низ цела држава, ќе организираме централни крос-фит натпревари со музика, дружење и славење на здравиот дух и тело.
- Ќе ги завршиме проектите за изградба и реконструкција (санација) на спортски објекти започнати во 2020: изградба на пливачки базен во општина Охрид, изградба на 14 затворени училишни базени, изградба на сала во општина Чаир за боречки вештини, изградба на 10 баскет игралишта, изградба на Дом на спортови, изградба на затворен базен во Тетово, реконструкција на спортските сали во Неготино и Велес, на базенот во Струга, на стадионот во Кавадарци и реконструкција на спортска инфраструктура во општините: Кисела Вода, Битола, Илинден, Демир Капија, Гостивар, хокеј арена во СЦБТ, Карпош, Кичево, Липково, Долнени и Струга.
- Ќе ги вклучуваме лицата со посебни потреби во сите сегменти на спортот.
- Промовираме добро владеење, борба против корупција, борба против местењето на натпревари и борба против допингот.
- Ги започнуваме сите процеси и активности за официјализирање на електронскиот спорт т.е. гејмингот како официјална категорија спорт.
- Ќе ги анализираме сите договори за концесија на спортските објекти и сали и ќе мониторираме дали се исполнуваат обврските кон заедницата.