Демократија која работи за граѓаните

За Владата на Република Северна Македонија демократијата значи слободни и информирани граѓани. Тие еднаш во четири години носат изборна, демократска одлука, но секој ден можат да добијат точни и навремени информации, секој ден можат да го кажат своето мислење, да се организираат, да иницираат промени и влијаат на одлуките кои се носат во нивно име. Само тогаш демократскиот изборен систем е целосно во полза на граѓаните и ги штити и јакне. 

Слободата на изразување е основно човеково право кое е суштинско за едно општество да се нарекува демократско и да оди напред. Веруваме во слободата и плурализмот на медиумите бидејќи нашата држава ја гледаме како мозаик на култури, јазици, обичаи и мислења – тоа е нејзината посебност и оттаму доаѓа нејзината сила и големина. Убедени сме дека единствената улога на Владата во регулирањето на медиумскиот сектор, треба да биде сосредоточена на обезбедување на слободата на говорот, структурниот плурализам, македонскиот јазик и јазиците на заедниците и на заштитата на децата од штетни медиумски содржини.

Слободите зависат и од силата, знаењето и мобилизацијата на граѓанскиот сектор. Само тоа може да гарантира одржлив развој и демократски промени во државата. 
Во следните четири години фокусот ќе го ставиме на развој на Националната радиотелевизија како вистински јавен радиодифузер кој е во чекор со времето, информира навреме и точно, ја штити јавноста од дезинформации и гради професионално и квалитетно известување.

Воедно Владата активно ќе работи на стратегијата за справување со лажните вести кои ја поткопуваат безбедноста, демократијата и довербата во институциите. Владата ќе го поддржи создавање на истражувачка медиумска лабораторија, преку која студентите по новинарство од почетокот на студирањето ќе се вклучат проактивно во борбата со дезинформациите и лажните вести. Ќе обезбедиме поголема заштита на малолетната публика од штетните влијанија на онлајн медиумите, преку усогласување на националното законодавство со новата директива на ЕУ за аудиовизуелни правила кои се однесуваат на video-sharing платформите.

Владата ќе води политика на континуирана и недискриминаторска финансиска и не-финансиска поддршка за печатените медиуми и локалните/регионални телевизии. Владата ќе предложи подобра регулатива за медиумска сопственост и концентрација, а ќе поддржиме и ефективна саморегулација.

Владата ќе предложи укинување на т.н Пржинска влада која покажа бројни слабости, го блокираше еден дел од државниот апарат во период на најголема светска криза и беше злоупотребен. 

Владата е определена за унапредување на околината во која работи и се развива граѓанското општество, што придонесува во зајакнување на демократското управување и воспоставување на структурен дијалог со граѓанското општество кое ќе придонесува и ќе дава поддршка на патот на реформите за интеграција на земјата во Европската унија. Сеопфатно ќе го реформираме сегашниот систем на државно финансирање на граѓанското општество, кој во голема мера се заснова на правна регулатива и практика што е создадена пред неколку децении, и не ги отсликува тековните потреби на граѓанското општество и не ги следи позитивните практики и трендови во ЕУ и во развиените земји.

Затоа:

  • Ќе го зголемиме уделот на државното финансирање од централниот буџет и од буџетите на единиците на локалната самоуправа, со цел да се достигне удел од 30% (околу 2 милијарди денари) во вкупните приходи на граѓанските организации до 2024 год.  
  • Ќе ја реформираме процедурата на планирањето на средствата (задолжителни консултации за приоритетите); одлучувањето (независни комисии, регулирање на конфликтот на интереси, вклучување експерти и претставници на граѓанските организации); доделувањето и известувањето за државното финансирање кон граѓанските организации; мониторингот од постигнатото и евалуација итн.
  • Ќе воведеме механизми за унифицирано планирање, односно ќе обезбедиме повеќегодишно планирање на средствата за граѓанските организации.
  • Ќе ја подобриме програмската поддршка на граѓанските организации преку независен Фонд за поддршка и развој на граѓанското општество, кој ќе биде задолжен за планирање и управување со средствата наменети за развој на граѓанските организации, преку институционална поддршка, со административна, управувачка, финансиска и програмска независност.
  • Преку Фондот за поддршка и развој на граѓанското општество ќе се овозможи ко-финансирање на европските проекти на граѓанските организации кои се во согласност со стратешките приоритети на земјата, програмските цели на претпристапната помош и со структурните фондови на Европската унија.
  • За да воспостави структурен дијалог со граѓанското општество, ќе го вклучиме граѓанското општество во консултациите систематски, односно ќе ги утврди динамиката на консултативните процеси и начините на влијанието од учеството на граѓанското општество во креирањето политики. Дополнително, ќе го поддржиме граѓанското општество да креира модел за учество на граѓанските организации во идната преговарачка ЕУ структура на земјата; ќе овозможи преку репрезентативен и инклузивен модел, учество на граѓанските организации во Секторските работни групи и Секторските мониторинг комитети; ќе го задржи репрезентативниот и инклузивен модел за учество на граѓанските организации во Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор; ќе ја унапредува структурната соработка со граѓанското општество преку Советот за Отвореното владино партнерството. 

Владата ќе организира консултации со граѓанското општество уште во раната фаза на анализата, за потребите и подготовката на политиките и законите. Дополнително, Владата ќе се обврзе и ќе гарантира повратна информација кон граѓанското општество и засегнатите страни од секој процес на консултации за политиките и законите. Ова значи дека на владините седници ќе се усвојуваат предлог закони кои го содржат извештајот со добиените мислења, предлози и коментари од процесот на консултации со засегнатите страни, а во кој ќе бидат наведени причините поради кои дадените предлози не се прифатени.