Енергетика

Економијата започнавме да ја трансформираме и на енергетски план. Владината политика е фундаментално да го промениме енергетскиот профил на државата и да ја подготвиме за идните предизвици и години. Сакаме таа да биде одржлива, диверзифицирана, ефтина, со стабилни извори на понуда и домашното производство значително да се зголеми и многу повеќе од минатото да ги задоволи домашните потреби за енергија.

Владата на Република Северна Македонија има амбициозен план до 2024 година, над 50% од вкупната инсталирана електрична моќност во нашата држава да биде од обновливи извори на енергија. Ќе ја зацврстиме нашата енергетска независност и стабилност со нови производни капацитети на електрична енергија и нови енергетски интерконекции со нашите соседи. Паралелно со тоа, ќе ги намалиме емисиите на штетни гасови од енергетските извори за преку 20%.

Во текот на првите 6 месеци од новиот мандат ќе биде објавен тендер за модернизација и трансформација на ТЕЦ Неготино, во постројка која ќе користи природен гас и ќе обезбеди можности за зголемено земјоделско производство.

По објавениот тендер за изградба на ХЕЦ Чебрен по пат на јавно приватно партнерство, регистриравме зголемен интерес и со право очекуваме почеток на изградбата на овој проект кој се заговара веќе неколку децении.

Со новите 400 МW фотоволтаични електрани, во домашниот електроенергетски систем, ќе се произведе чиста електрична енергија на ниво од окоу 560 GWh (или околу 10% од вкупното домашно производство), при што ќе се намали испуштањето на СО2 во животната околина за околу 750.000 тони на годишно ниво, а вкупната очекувана инвестиција би била на ниво од околу 250 милиони евра. Од нив, планираме 100MW да бидат развиени во ТЕЦ Осломеј. Владата ќе поттикне иновации во фотонапонската технологија. Со овие политики ќе влијаеме и на отворање нови работни места за стручните кадри во нашата држава.

    Во овој мандат на Владата, планираме да бидат изградени ветерни електрани со моќност од дополнителни 160 MW (покрај проектите кои веќе се во тек: втора фаза на ВЕЦ Богданци, ВЕЦ Миравци 1) и тоа електрана Миравци 2 и 100 МW ветерни електрани на државно земјиште со приватни инвеститори, инвестиција од преку 150 милиони евра.
Ќе ја зголемиме квотата за градба на нови 30 MW биогасни електрани, на оние инвеститори кои при тоа ќе отворат сточарски комбинати или ќе се организираат во задруги. Висината на инсталираната моќност за градба на биогасна електрана ќе зависи од големината на сточарската фарма или задруга. Очекуваното годишно производство на електрична енергија од овие електрани би било на ниво од околу 150 GWh, а вкупната инвестиција, само во биогасните електрани, без сточарските фарми и земјоделството, би била на ниво од околу 90 милиони евра.

Во новиот мандат ќе ги реализираме следните проекти во рамките на АД ЕСМ:

  • Ревитализација и модернизација на сите  три  блока  во  РЕК  Битола,  со  редукција на прашина и десулфуризација. 
  • Ревитализација и модернизација на Блок 1 во РЕК Битола за намалување на емисии на азотни оксиди и отворање на можност за употреба на различни типови на гориво.
  • Модернизација и санација на разладните кули во РЕК Битола, заради зголемување на нивната ефикасност и замена на азбест цементните материјали со еколошки прифатливи материјали.
  • Набавка на помошна механизација за рудниците во РЕК Битола и опрема за дисконтинуиран систем за експлоатација (дел набавката е во тек).
  • Подготовки за отварање на рудникот Живојно.
  • Ревитализација на постојните големи хидроелектрани.

Целосно ќе ја реконструираме преносната електроенерегетска мрежа, но и ќе изградиме нови далеководи, со што ќе го направиме МЕПСО регионален преносен електроенергетски центар. Планот е да ги реализираме следните поректи: нов 400 kV интерконективен далекувод Битола (MK) – Елбасан (AL) и 400kV трансформаторска станица во Охрид; нов 400 kV далекувод кој ќе се гради до идната електрана Чебрен заедно со 400kV трансформаторска станица во близина на електраната и зајакнување на електроенергетската мрежа во целата држава со нови далеководи и трасформаторски станици, со цел да се овозможат новите инвестиции во фотоволтаични и ветерни електрани во целата држава.

Со раздвојување на телекомуникациските активности од основните функции на АД МЕПСО, ќе ја споделиме широкопојасната инфраструктура и таа ќе биде на располагање на сите оператори кои ќе сакаат да го користат т.н. Balkan Digital Highway.

Во изминатите три години, со неуморна и постојана работа, го проектиравме и започнуваме со реализацијана интерконективниот гасовод со нашиот сосед Грција,  од  каде  ќе  може да се користи гас од ТАП, но и LNG од терминалите во регионот, со што ќе направиме диверзификација на рутите за снабдување и ќе ја засилиме нашата енергетска независност преку завршување на магистралните гасоводи низ републиката и брз развој на дистрибутивни мрежи за домаќинства, административни, комерцијални и индустриски објекти. Ќе се финализира изградбата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар со понатаможно продолжување до Кичево. Владата ќе започне консултации со ЗЕЛС околу најсоодветниот модел за изградба на дистрибутивни мрежи на природен гас.

Владата ќе започне државна енергетска трансформација со која секој наш граѓанин ќе добие можност да биде енергетски производител и, секако, корисник на еколошки чиста и поефтина енергија. За таа цел, предвидуваме посебни, иновативни и високоефективни проекти за соларни термални колектори (ќе бидат опфатени околу 100000 домаќинства во период од четири години, за што од домашниот буџет би биле одвоени околу 30 милиони евра). Оваа мерка ќе придонесе за намалување на емисиите на CO2 во атмосферата за околу 200 000 тони годишно.

Владата ќе воспостави иста цена за топлинска енергија и ангажирана моќност во градот Скопје за сите потрошувачи по категории приклучени на топлификационата мрежа, независно во која општина и населба во градот Скопје живеат или ја остваруваат својата дејност.

Преку АД ЕСМ ќе го изградиме топлификациониот систем за Битола, Могила и Новаци за јавните објекти во градот, што значајно ќе го намали загадувањето, а корисниците ќе добијат чист и евтин начин на затоплување. Ќе го прошириме снабдувањето со топлинска енергија на населбите Чаир, Бутел, Скопје Север, Маџари 2 и Лисиче со проширување  на топловодна  мрежа.  

Ќе ги стимулираме индивидуалните домаќинства и зградите за колективно  домување, како и јавните објекти (болници, школи, градинки...) да инвестираат во когенеративни уреди за производство на електрична и топлинска енергија. Преку АД ЕСМ во период од 2022 до 2024 година планирана е градба на нова когенеративна постројка од 50 MW во склоп на постојниот објект ЕНЕРГЕТИКА во Железара, со што ќе се овозможи дополнително производство на електрична енергија, а ќе се задоволат потребите за топлинска енергија на поевтин начин. Предвидено е инвестицијата да биде на ниво од 35 милиони евра.

Во рамките на регионалните депонии ќе поттикнеме изградба на станици за селекција на комуналниот отпад и користење на отпадот за производство на електрична енергија со повластена цена и со гарантиран откуп на произведената енергија.