Арифи: Дијалогот на високо ниво отвора нова страница во осносите меѓу Македонија и ЕУ
Дијалогот на високо ниво отвора нова страница во односите меѓу Република Македонија и Европската унија, изјави денеска вицепремиерот за европски интеграции Теута Арифи, по средбата со новоименуваниот амбасадор на ЕУ во Македонија Аиво Орав.
- Со започнувањето на дијалогот на високо ниво се отвора нова страница во односите меѓу Македонија и Европската унија. Дијалогот дава особена можност да ги унапредиме процесите со ЕУ и да дадеме нов поттик на реформите во сферите за кои е предвидено да се разговара во рамките на дијалогот, рече Арифи.
Таа му посака успешна работа на Орав и изрази надеж дека за време на неговиот мандат Македонија ќе стане членка на ЕУ.
Амбасадорот Орав од своја страна истакна дека евроинтеграциската перспектива е многу важна за земјата, но исто така и за Европската унија. Тој ја најави утрешната посета на еврокомесарот за проширување Штефан Филе кој со премиерот Груевски треба да го почне пристапниот дијалог на високо ниво.
- Тоа е единствен настан бидајќи ваков вид дијалог досега не е воспоставен со ниту една земја-кандидат за членство. Се надевам двете страни максималнло ќе ги искористат можностите што ги нуди ваквиот пристапен дијалог на високо ниво, рече амбасадорот Орав.