Седница на Комитетот за претприемништво и иновации
Во Владата на Република Македонија денеска се одржа редовна седница на Комитетот за претприемништво и иновации со која претседаваше претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски.
На седницата се разгледа процесот на имплементација на повеќе заклучоци поврзани со реализацијата на проектите од областа на претприемништвото и иновациите, при што беа донесени дополнителни насоки за нивна имплементација.
На Комитетот се донесе заклучок на следниот состанок да се поканат тројца еминентни научници од Израел, експерти од областа на иновациите и претприемништвото, со кои ќе се разговара за идеи и предлози за унапредување на процесите во оваа сфера во Република Македонија.
Воедно, Комитетот ја разгледуваше и информацијата за реформските процеси во образовниот систем насочени кон преминување од концептот на репетитивност на концептот на поттикнување на креативноста, при што беа донесени заклучоци Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да пристапат кон изработка на акциски план со нови мерки насочени кон оваа исклучително значајна реформа во образовниот процес.