Средба на министерот Попоски со високи советници од американскиот Конгрес
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска прими повеќечлена делегација на високи советници - стафери од Претставничкиот дом на Конгресот на Соединетите Американски Држави, кои што престојуваат во работна посета на нашата држава.
Притоа, министерот Попоски ги информираше високите претставници на американскиот Конгрес за внатрешните политички и економски состојби во Република Македонија, како и за надворешно-политичките приоритети на земјата - членството во Европската Унија и во НАТО. Воедно, тој се осврна и на македонските заложби за доборососедски односи, мир, просперитет и трајна стабилност во Регионот, како и нашите заложби за активна регионална соработка, со цел успешно натамошно приближување на државите од Регионот кон Евроатлантските интеграции.
За време на средбата, беа разменети мислења околу стратешкото партнерство и билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Посебен акцент на средбата беше ставен на обезбедување на уште позасилена поддршка на претставниците на американскиот Конгрес за што поскоро ефектуирање на поканата за членство на Република Македонија.
Министерот Попоски го поздрави предлог законот “The NATO Enhancement Act 2012” поднесен од сенаторот Ричард Лугар, со кој Сенатот на Конгресот на Соединетите Американски Држави ќе ја потврди важноста од проширувањето на Алијансата и од зацврстувањето на стратешкото партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и сојузниците.