Министерството за здравство информира дека според најновиот извештај на УНИЦЕФ, Република Северна Македонија е меѓу првите три земји во светот со најголем пад на стапката на мртвородени деца во периодот меѓу 2000 и 2019 година. Анализата на податоците покажува дека стапката на мртвородени деца во Северна Македонија се намалила од 10,8 мртвородени, на вкупно 1.000 раѓања во 2000 година, на 6,2 во 2009 година и на 4,1 во 2019 година.
Овој значаен напредок е резултат на континуираната соработка на Министерството за здравство, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, УНИЦЕФ, УНФПА и Светската здравствена организација во изминатите три години, со што се овозможи значително унапредување на перинаталната грижа. Значаен придонес кон овој успех има и Комитетот за безбедно мајчинство во нашата земја. Според извештајот на УНИЦЕФ, нашата земја покажува најдобри резултати во Европа, Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд.
Изминатиот период токму во оваа сфера беа реализирани конкретни мерки за подобрување на условите во родилиштата во земјава, подобрување на системите за транспорт и обезбедување пристап и брз трансфер до одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации, а воедно е изработен и генерален (мастер) план за перинатална грижа до 2030 година, кој опфаќа планови за натамошно зајакнување на здравствениот систем и обезбедување најсовремени услуги за бремените жени и новороденчињата.
Исто така, реализирани се бројни инвестиции за зајакнување на капацитетите со нова медицинска опрема и набавка на инкубатори за интензивната нега на Клиниката за гинекологија и акушерство и во клиничките болници во Штип, Тетово и Битола, како и набавка на CTG-апарати, друга медицинска опрема и комплетно реновирање на гинеколошките сали во Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир. Воедно се унапредени условите за лекување и третман во поголем број гинеколошките одделенија низ државата.
За унапредување на перинаталната грижа придонесе и активното функционирање на Комитетот за безбедно мајчинство во рамки на Министерството за здравство, под раководство на д-р Ана Данева-Маркова, кој го сочинуваат врвни експерти со долгогодишно искуство во областа на гинекологијата, акушерството, неонатологијата, педијатријата и сродни дисциплини, со цел координиран пристап во унапредување на здравјето на мајките и децата.