Под слоганот „Честит 11 Октомври! Секогаш слободни!“ се одбележа големиот историски чин со кој започна и впишувањето на македонската држава на мапата на народите на светот

Во организација на Владата на Република Северна Македонија, денеска во Куманово, Прилеп и Скопје се организираа свечености по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ.

Свеченостите, под слоганот „Честит 11 Октомври! Секогаш слободни!“, се одржаа во посебни услови согласно протоколот за одбележување државни празници, односно без масовни народни собири и културно-уметничка програма, со минимум присутни лица и обезбедена дистанца и заштита.

Претседателот на Владата Зоран Заев по повод чествувањето на 79 години од Денот на народното востание на македонскиот народ, ја предводеше делегацијата во која беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, која положи цвеќе пред Спомен – Костурницата во Куманово.

Венци со свежо цвеќе пред Спомен – Костурницата во Куманово положија и повеќе делегации на Претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија, Сојузот на борците, на Армијата на Република Северна Македонија, на парламентарните политички партии, на дипломатскиот кор и на Општина Куманово.

Како дел од свеченото одбележување на државниот празник 11 Октомври, владини делегации положија цвеќе и во Прилеп и Скопје.

Во Прилеп, владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, придружуван од министерката за образование и наука Мила Царовска, положија цвеќе на споменикот на Методија Андонов-Ченто, на споменикот на Кузман Јосифовски-Питу, на Алејата на народни херои, на Споменикот „Жена борец“, како и на спомен обележјето Могилата на непобедените.

Венци цвеќе, пред Споменикот на борците, кои паднаа за ослободување на Скопје, положи владина делегација предводена од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за здравство Венко Филипче.

Претседателот на Владата Зоран Заев во обраќањето на свеченоста пред Спомен – Костурницата во Куманово, истакна дека на денешен ден 11 Октомври - Денот на народното востание, нашите сограѓани во Куманово и Прилеп, се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и правда и во триумфот на победата го остварија вековниот сон – сопствената и заслужена државност.

„Со овој голем историски чин започна и впишувањето македонската држава на мапата на народите на светот. Патот на македонската држава е проследен со борба против сите форми на фашизам, репресии и неправда. Но, и со постојан стремеж за слобода, правда и еднаквост за сите чесни и добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, водени од желба за подобар живот. Денеска, стоиме тука во Куманово, во градот херој, горди, со кренати глави чувајќи го заветот на нашите државотворци. Поради храбрите борци на НОБ денес сите ние имаме патриотска должност да се обединиме во создавањето на едно праведно општество“, рече во своето обраќање премиерот Заев.  

Благодарение на овој самопрегор, продолжи Заев, денес Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и со сите постулати на државност. Нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазикот се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Во европските институции во Брисел и во Стразбур.

„Одбележувањето на ваквите денови е најсилниот потсетник за начелата и вредностите кои не смееме да ги заборавиме, но и за патот по кој треба да продолжиме. Тоа е европскиот пат, патот кон демократските вредности“, потенцираше претседателот на Владата и потсети дека во минатиот мандат Владата што ја предводи приоритетите ги насочи на надворешен план кога беа постигнати и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција,  со кои по децениско заостанување Северна Македонија направи пробив на меѓународен план.

„Сето ова се реализираше првенствено низ полноправното членство на нашата држава во НАТО и со утврдувањето на почетокот за преговори со Европската Унија, како и низ градењето на партнерски однос со сите наши соседи. Благодарение на овие договори Северна Македонија од држава оставена на маргините, се претвори во активен чинител на меѓународната сцена. Денес нашата држава е ценет и посакуван партнер. Успешна приказна која започна да го менува наративот на Балканот“, потенцираше премиерот Заев.

Претседателот на Владата истакна дека членството во НАТО ја редефинираше нашата улога на меѓународната безбедносна арена и ни овозможи активно да учествуваме во широк спектар на безбедносни мисии за колективна одбрана. Ги зацементиравме основите за зголемена стабилност и просперитет на нашата држава.

Во продолжение на своето обраќање премиерот Заев рече дека покажавме дека знаеме и дека имаме волја да ги решаваме горливите проблеми, и дека затоа граѓаните на последните избори го дадоа својот глас за континуитет на овие политики со нов четиригодишен мандат со јасна и недвосмислена порака за правда.

„Бидејќи мирот, не се остварува само и исклучиво тогаш кога нема конфликти и тензии, туку тогаш кога е максимално присутна правдата и владее правото. Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Новата Влада започна бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Никој не е над законот. Кој не сака да го почитува законот, ќе се соочи со законот. Патот на правдата понекогаш знае да биде бавен, но покажавме дека знаеме и можеме да се движиме во таа насока. И од овој пат враќање нема“, истакна Заев.

Во своето обраќање премиерот Заев посебен акцент стави на борбата за спречување на ширењето на КОВИД-19 и на справувањето со последиците од пандемијата.

„Светот го очекува неизвесна есен во која ќе се соочиме со многу предизвици. Борбата со пандемијата продолжува и ќе се вжештува. Ова секогаш мора да ни биде првата мисла при будење, додека не ја извојуваме и оваа битка со овој невидлив непријател. Но, како и светот, така и ние, ќе се справиме само ако сме здружени и ако ги почитуваме мерките. Токму затоа од ова место на непокор и стремеж за слобода сакам да испратам порака - Ова важи за сите, без исклучоци. Ова е нашата битка денес. Имаме невидлив непријател со кој очекувам да се избориме заедно, институциите и граѓаните“, рече Заев.

Премиерот Заев потенцираше дека освен грижата да се зачува здравјето на граѓаните, во текот на оваа криза Владата води борба и за справување со економската криза и за зачувување на секое работно место.

„Со антикризни мерки се обезбеди егзистенцијата за голем број граѓани, се зачуваа работните места и се одржува кондицијата на економијата. Особено се води грижа за ранливите категории граѓани и најпогодените економски сектори. Со тоа да обезбедуваме моќен рестарт и враќање на патеките на раст кои ги имавме пред кризата предизвикана од пандемијата“, нагласи претседателот на Владата Зоран Заев.

Во завршницата на своето обраќање премиерот Заев ги истакна признанијата за постигнувањата на нашата земја што дојдоа со најновиот Годишен извештај на Европската Комисија за Северна Македонија за остварените резултати во областите  на фундаментални  вредности,  избори, владеење на правото, судството и борбата против корупцијата, од кои може да се заклучи  дека земјата е на добар пат и треба да продолжи со имплементацијата на веќе донесените закони и постоечки механизми.

„Денес, кога имаме признаена држава со сите нишани, ни се отвора неповторлива можност самоуверено заедно да зачекориме по европскиот пат. Ве уверувам, тоа е шанса која нема да ја пропуштиме“, потенцираше премиерот Заев, упатувајќи честитки по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

На свеченоста пред Спомен – Костурницата во Куманово, свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, кој истакна дека секоја генерација има свои битки, и дека битката на оваа генерација освен остварувањето на нашата интеграција во ЕУ и битката за економски просперитет, е и битката против КОВИД-19 во кој секој треба да го даде сопствениот придонес.

Во обраќањето од свеченоста во градот херој – Прилеп, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров истакна дека борбата за “светата народна слобода” против најцрната страница од историјата - фашизмот, е една од најзначајните борби на нашите предци на кои денеска им положуваме цвеќе и кои ни оставија држава во аманет.

„Првата цел на нашата борба како илинденски и асномски наследници, беше да ја зацврстиме и обезбедиме државата преку членството во НАТО. Таа работа ја завршивме. Сега треба да ‘строиме живот, слобода, иднина за жени, деца, старци, младинци’, сега треба европскиот начин на живот да го донесеме дома, Република Северна Македонија. За да имаме просперитетна држава и силна економија, со добри работни места и плати, со правда за сите, со европско образование и здравство, со чиста животна средина“,  нагласи Димитров, на свеченоста во Прилеп, како дел од свеченостите во организација на Владата на Република Северна Македонија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ.