Ве информираме дека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски оствари работна средба со Амбасадорот на Црна Гора во Република Северна Македонија, Н.Е. Марија Петровиќ.
Министерот Бочварски ги презентираше капиталните инвестиции во Република Северна Македонија, како и крупните проекти што ќе се реализираат во периодот што следува. Посебен акцент на средбата се стави на изградбата и модернизацијата на патната и железничката инфраструктура на Коридорите 8 и 10, како важен аспект на регионалното поврзување и интеграцијата на Регионот во Европската Унија.
„Во текот на средбата со Амбасадорката Петровиќ разговаравме за сите крупни капитални проекти што ги реализираме во нашата држава во делот на изградба и модернизација на патната и железничката мрежа, а кои се клучни за регионално поврзување, интензивирање на трговските размени и економски раст на целиот Регион. Република Северна Македонија презема сериозни активности за модернизација на Пан-европските Коридори и во таа насока и понатаму ќе се движат сите наши инвестиции“ – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
На средбата се разговараше и за мерките и активностите што двете земји ги преземаат во насока на континуиран транспорт на стоки и патници, зголемување на меѓусебната трговска размена и зајакнување на регионалната соработка.