Министерката Канческа-Милевска во посета на Музејот на Македонија, промовиран првиот музејски водич за деца

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска оствари работна посета на Музејот на Македонија каде се запозна во реализацијата на инвестициите и на проектите во оваа национална установа. Го посети и едукативното одделение во Музејот, а присуствуваше и на промоцијата на првиот музејски водич за деца насловен „Патување во минатото на Архидон и Архидоника“ од Лена Анѓелкоска.

Министерката Канческа-Милевска истакна дека е значајно водичот да им биде поделен на децата бидејќи преку еден сликовит пристап ќе можат да се запознаат со богатата историја, културно наследство, и со вредната работа на археолозите. Таа посочи дека треба и во иднина да се продолжи да се издаваат вакви книги кои ќе можат на сликовит начин да го спојат едукативниот пристап и она што претставува наш културен индентитет и наша историја.

- Оваа необична музејска читанка за деца и впечатливата раскажувачка способност на авторката и низ прекрасните илустрации ќе не одведе на возбудливо и далечно патување кое ќе направи како низ приказна најмладите да се вратат многу години наназад во почетоците на човештвото и да се запознаат со сите траги кои како печат се оставени во пластовите на нашата Македонија, истакна Канческа-Милевска.

Низ авантурите на измислените ликови Архидон и  Архидоника, рече Канческа-Милевска, ќе се запознаеме со сите артефакти или предмети направени од луѓето во минатото, а откриени и откопани од археолозите. 

- Овој музејски водич ќе биде интересно четиво за сите деца, но ќе биде уште еден придонес и голема помош за учителите во едукативниот процес на кои ќе им помогнеме историјата на учениците да им ја пренесат поинтересно и посликовито. Со овој музејски водич на интересен начин се развива креативноста и размислувањето на децата за нашето минато и историјата и на суптилен начин да се поттикне нивниот интерес за посетата на музеите, потенцира Канческа-Милевска.

Таа рече дека Музејот на Македонија како установа од областа на културата каде се чува националното богатство на Македонија, веќе две децении има есенцијална улога во едукативниот процес на најмладите, а едукаторите од едукативното одделение овие 20 години приказната за историјата на земјата им ја раскажаа на стотици деца од училиштата низ државата.

- Иницијативата на Музејот за издавање на музејскиот водич сигурна сум дека ќе биде еден силен поттик и за другите музејски установи за да можат да интересен и необичен начин на најмладите да им ја доближат историјата, науката, археологија и уметноста, додаде Канческа Милевска.

Авторот Анѓелкоска рече дека водичот не е посветен само за децата, туку и за возрасните кои заедно со нив доаѓаат во Музејот. Музејски водич за деца е испечатен во тираж од 500 примероци.