Средба на премиерот Заев со кубанската амбасадорка Кието Милиан: Честитки за новиот мандат на премиерот Заев и новата Влада и отворени можности за унапредување на економската соработка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Каридад Јамира Кието Милиан, амбасадорка на Република Куба, за Република Северна Македонија.

На состанокот се изразени честитки за новиот мандат на премиерот Заев и за изборот на новата Влада и поддршка на нашата држава во натамошните интеграциски процеси.

-Наша клучна цел сега е отворање нови економски можности за граѓаните и за бизнисите. Во услови на пандемијата, потребно е секоја од земјите да ги најде начините за развој на економијата, којашто директно ги засега граѓаните и компаниите и ние сме отворени и подготвени да соработуваме со сите држави, како и со Куба, со цел бенефити за луѓето во двете држави, рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано дека нашата земја и Куба имаат традиционално пријателство, но дека се гледаат отворени можности за унапредување на билатералната соработка, посебно во делот на економијата, медицината, образованието, туризмот, културата. Беше посочено на кубанското знаење во медицината и фармацевтската индустрија и за можноста за размена на искуства и услуги во овие области. Исто така, разговарано е за можностите за поврзување на бизнис заедниците и стопанските комори на двете држави преку министерствата за надворешни работи на земјите, а искажан е и интерес за взаемни посети на високо ниво.