Македонија и Албанија потпишаа Договор за основање и функционирање заеднички контакт центар за полициска соработка
Албанскиот заменик министер на средбата со министерката Јанкулоска потпишаа Договор за основање и функционирање заеднички контакт центар за полициска соработка.
Министерката Јанкулоска потенцираше дека целта на центарот е да се зголеми ефикасноста во подобрувањето на размената на информации со посебен акцент на меѓународниот криминал.
Центарот, појасни министерката Јанкулоска, ќе биде на територијата на Република Македонија на граничниот премин Ќафасан. Во него ќе има еднаков број претставници од двете земји. За почеток ќе работи 12 часа, а правата и обврските ќе бидат стрикно регулирани за сите кои ќе работат во овој центар.
Со овој договор, еден од низата билатерални акти што во изминативе две децении ги потпишаа двете земји, не само што се продлабочува натамошната добра соработка меѓу полициите на двете земји, туку истовремено се прави дополнителен исчекор во воспоставувањето на неопходните стандарди за членство во Европската унија во областа на илегалната миграција и прекуграничниот криминал. Контакт центарoт ќе функционира во насока на анализа и размена на податоци, потоа заедничка евалуација на ситуацијата а врз основа на постоечки податоци и информации кои имаат за цел вршење на анализа на ризикот, како и поддршка на активностите на надлежните органи преку размена на податоци и информации.
Инаку, во рамките на натамошното продлабочување на билатералната соработка, вклучително и на оперативната соработка на двете министерства во тек се активности и за скорешно официјализирање и на Протокол за соработка во текот на туристичката сезона и Меморандум за разбирање меѓу двете министерства за соработка во областа на внатрешната контрола.