Владата на денешната седница донесе одлука за нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Се скратува работното време на угостителските објекти до 21.00 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна.
Оваа одлука важи и за угостителските објекти на бензинските станици, а исклучени се угостителските објекти на ТАВ аеродромите во Скопје и Охрид и хотелските ресторани за гостите кои се сместени во хотелите.
На седницата, беше донесена и одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 21:00 часот.
Владата денеска усвои препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на Северна Македонија, после 21:00 часот да не се движат на јавен простор, доколку немаат важни и неопходни потреби.
Владата донесе и препорака за граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица, кои не живеат во иста заедница.
Министрите во Владата денеска го прифатија предлогот на Министерството за здравство за потребата од дополнителна асистенција на припадниците на Армијата на Северна Македонија во обезбедувањето на болниците како дополнителна испомош на припадниците на МВР и во координација со ова Министерство, за што беше донесен заклучок за ова да се побара согласност од Претседателот на државата.
На денешната седница беше разгледана Информацијата во врска сo регулирање на боледување на вработени лица заболени од КОВИД-19 како и вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, врз основа на која беше донесен заклучок министерствата и органите на државната управа при регулирање на регулирање на овие прашања на вработените лица кои имаат симптоми или се заболени од КОВИД-19 и на лица кои се во изолација заради спречување на ширење на заразата, но се асимптоматични, а за кои е констатирано дека се заболени од КОВИД-19, задолжително да побараат ИСР образец, односно боледување согласно кој висината на надоместокот на плата за привремена спреченост за работа поради КОВИД-19 да изнесува 100% од основицата за надоместок на плата.
Владата донесе заклучок да им препорача на организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, на Градот Скопје и општините во Градот Скопје да постапат идентично како во претходниот заклучок.
На денешната седница е утврден Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, кој има за цел да ги уреди законските решенија во функција на поддршка на обврзниците во справувањето со последиците од коронавирусот КОВИД-19 и зголемување на нивната ликвидност.
Предлог-законот ги содржи следниве решенија:
- Ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на добивка за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година за обврзниците кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на коронавирусот КОВИД-19;
- Доуредување на непризнаените расходи за даночни цели, односно пропишување на одредби согласно кои премиите за доброволно здравствено осигурување (дополнително и приватно здравствено осигурување) на вработените лица, платените лабораториски тестови за КОВИД-19;
- Подолг период на пренесување на загубата за обврзниците кои во текот на 2020 и 2021 година ќе остварат загуба од работењето;
- Зголемување на прагот согласно кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка за 2020 година ќе бидат ослободени од плаќање на данок на вкупен приход;
- Зголемување на прагот согласно кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход во 2020 година, ќе имаат можност да се определат дали ќе плаќаат данок на вкупен приход или данок на добивка;
- Укинување на условот за претходно покривање на загубата согласно Законот за трговски друштва, за да обврзникот има право да ја пренесе загубата во идните даночни периоди и
- Доуредување на бројот на спортски субјекти на кои даночните обврзници може да им донираат финансиски средства и да го користат правото на намалување на пресметаниот данок на добивка.
Во насока на имплементирање на донесените мерки од Пакетот 4 на Владата за справување со последиците од кризата со КОВИД-19, денеска е утврден и предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, кој предвидува ослободување од обврската за плаќање на аконтациите на данокот на личен доход за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година, со што ќе се придонесе за подобрување на ликвидноста на обврзниците на данокот на личен доход по основ на остварен доход од самостојна дејност и полесно справување со последиците од ширењето на коронавирусот КОВИД-19.
Дополнително, со овој Предлог-закон е опфатен и предлогот на стопанските комори за ослободување од оданочување на уплатенaта премиja за дополнително приватно здравствено осигурување; за платените тестови за КОВИД-19 и за трошоците за доквалификација и обуки на вработените од кои се очекува да придонесат за подобрување на животниот стандард и квалитетот на работата на вработените лица.
На оваа седница е усвоен уште еден Предлог-закон со кој се обезбедува мерката за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, по скратена постапка.
Со овој Предлог-закон се уредува начинот на распределување на финансиската поддршка на корисниците на истата преку постоечка трансакциска сметка или новоотворена трансакциска сметка во банка, како и активностите на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во врска со доделувањето на финансиската поддршка на таргетираните групи на граѓани. Дополнително, овој член ја уредува и постапката за доставување и решавање на приговори поднесени од страна на физички лица кои не добиле финансиска поддршка, а согласно условите во Законот се квалификувани за добивање на истата.
На седницата е утврден и предлогот на Закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од КОВИД- 19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија со кој се утврдува постапката и процедурата на доделување на финансиски средства за намалување на последиците од КОВИД -19 за производителите на грозје и во винскиот сектор, како дел од анти-кризните мерки од Пакетот 4 на Владата.
Владата денеска ја прифати иницијативата, денот недела да биде прогласен за неработен ден и го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од 15 дена да достави законско решение за ова прашање.
На оваа седница Владата го утврди Предлог-законот за дополнување на Законот за заштита на децата во кој се додава нова одредба со која корисниците на правото на додаток за образование се ослободуваат од обврската децата да присуствуваат на најмалку 85% од вкупниот број на реализирани наставни часови во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди).
Денеска е утврден и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита, со цел да им се овозможи лицата кои добиле извод од посебната матична книга на родени и идентификациона исправа, согласно со Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, да остварат права од социјалната заштита.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита за октомври 2020 година и го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги достави податоците за корисниците на парични права по сите основи до деловните банки најдоцна до 03.11.2020 година, односно до 05.11.2020 година.
Во врска со оваа информација Владата им препорачува на деловните банки да обезбедат достапност на средствата за паричните права од социјална заштита за месец октомври преку банкомати и во трговските мрежи од 04.11.2020, односно 06.11.2020 година.
Владата денеска го усвои Предлогот за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се доуреди начинот на кој радиодифузерите и операторите ќе постапуваат во однос на странските програмски сервиси и почитувањето на авторските и сродните права.
Во таа насока се предлага измена на членот 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и заради фактот што авторските права се регулирани со Законот за авторското право и сродните права.
Во таа насока, Владата донесе заклучок да ѝ препорача на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги до усвојување на предложените измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да ја пролонгира примената на подзаконските што произлегуваат од ставовите 3 и 4 од член 143 од законот.
На оваа седница е утврден текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште.
Целта на Предлог-законот е изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште заради доуредување на постојните законски одредби и воведување на нови законски решенија кои се однесуваат на рационално користење на земјоделското земјиште, неговата заштита како и воведување на нови поими и доуредување на одредени постапки.
Предлог-законот се заснова на истите начела на кој се заснова Законот за земјоделското земјиште.
Владата на Република Северна Македонија го разгледа и го утврди текстот на Протоколот за отворен пристап до истражувачката инфраструктура во Западен Балкан, кој ќе биде потпишан на претстојната средба на претседателите на Влади на Самитот во Софија како дел од Берлинскиот процес.
Протоколот предвидува мобилност на истражувачите и овозможување на отворен пристап на истражувачките инфраструктури вклучувајќи ги и е-инфраструктурите со кои располагаат јавните и приватните истражувачки установи во земјите на Западен Балкан и ќе придонесе кон лесна циркулација на истражувачките податоци, непречен пристап до истражувачките инфраструктури со цел зголемување на иновативните истражувања, подобрување на методите и вештините на истражувачите, зајакнување на регионалната соработка и развој.
На предлог владината Комисија за именувања, Владата на денешната седница ги донесе следните одлуки:
- Александар Ранѓеловиќ, да го отповика од должноста член на Надзорниот одбор на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје, а за член на Надзорниот одбор на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје да го избере Ѓоко Илиевски предложен од синдикалната организација.
- Владата ја отповика Верица Узунова од должноста член на Надзорен одбор на АД за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост, а за член ја избира Слаѓана Богдановиќ.
Владата заклучи да му препорача на Собранието на акционери на Македонски телеком, Акционерско друштво за електронски комуникации – Скопје, да ги отповика од должноста членови на Одборот на директори и тоа Сашо Велевски од неизвршен член, Замир Мехмети од неизвршен независен член, Дивна Ефтимовска од неизвршен независен член, Мирослав Вујиќ од неизвршен член и Сашо Симјановски од неизвршен член на Одборот на директори, а за членови на Одборот на директори да ги избере:
- Шкодране Зенуни Дарлишта – неизвршен член
- Бардул Насуфи – неизвршен член
- Зоран Китанов – извршен член
- Нина Ангеловска – неизвршен независен член
- Садула Дураку – неизвршен независен член, и
- Аќиф Мехдиу – неизвршен член
Владата на Република Северна Македонија се информираше за оставката на Виктор Петрушевски од должноста член на Управниот одбор на АД за аеродромски услуги „Аеродроми на Република Северна Македонија“ во државна сопственост и заклучи да му препорача на Надзорниот одбор на друштвото за член на Управниот одбор да го избере Трајче Ангеловски.
Владата на Република Северна Македонија заклучи да му препорача на Надзорниот одбор на АД Славија, извоз - увоз Скопје за член на Управниот одбор да го избере Блаже Зафировски.
Миле Сугарев да го разреши од должноста в.д. директор на Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, а Стево Крстевски да го именува за в.д. директор на Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.
Владата на Република Северна Македонија да даде согласност на Одлуката на Управниот одбор на Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија бр.02-4032/1 од 28.10.2020 година, со која за в.д. директор на Фондот е именувана Билјана Јовановска.
Владата ја прифати оставката на Сеад Садиковски да го разреши од должноста директор на Државен инспекторат за локална самоуправа, на негово барање, а Сенат Ахмеди да го именува за в.д. директор на Државен инспекторат за локална самоуправа.
Владата ја прифати оставката на Лидија Ѓоршевска и ја разреши од должноста директор на Државниот испитен центар, на нејзино барање.
Елизабета Наумовска да ја именува за в.д. директор на Државниот испитен центар.
Владата ја прифати оставката на Аднан Џафероски и го разреши од должноста директор на Дирекцијата за заштита и спасување, на негово барање, а Беким Максути да го именува за в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Владата ја прифати оставката на Агрон Буџаку и го разреши од должноста директор на Центарот за управување со кризи, на негово барање, а Стојанче Ангелов да го разреши од должноста национален координатор за воени и полициски ветерани и да го именува за в.д. директор на Центарот за управување со кризи.
Фирус Мемед, е разрешен од должноста заменик на директорот на Агенција за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија, поради истек на мандатот за кој е именуван.
Владата денеска ги разреши Амир Шабани од должноста член на Управниот одбор на Македонската академска истражувачка мрежа (МАРнет), на негово барање, Зирап Адеми од должноста заменик на директорот на Државниот завод за статистика, на негово барање, и Ариф Асани од должноста заменик на директорот на Агенцијата за национална безбедност на Република Северна Македонија.
Блерим Идризи денеска е разрешен од должноста член на Управниот одбор на ЈП за стопанисување со пасишта, на негово барање поради постоење на состојба на судир на интереси, и на оваа позиција е именуван Незарим Аљиљи.
Виктор Талески, е именуван за член на Управниот одбор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Прилеп.
Владата денеска го разреши Бобан Томески од должност член на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, и за претставник од Агенцијата за супервизија на осигурувањето да го именува Злате Симоновски.
Владата денеска на членовите на Училишниот одбор на Посебното основно училиште за ученици со посебни воспитно-образовни потреби „Св. Климент Охридски“- Ново Село, Ристо Златанов и Благица Стоилова да им утврди престанок на мандатот, а за член на одборот ја именуваше Светлана Мазгалоска-Вучетиќ.
На денешната седница Владата утврди престанок на мандатот на членката на УО на ЈП „Јасен“, Калина Кусатска и за нов член ја именуваше Оливера Поповиќ.