Попоски – Хаџинасто: Инцидентите не смеат да го нарушат соживотот и добрососедските односи
Македонија и Албанија осудуваат секаков вид инциденти кои може да им наштетат на добрососедските односи и бараат на сторителите да им судат институциите на системот. Двете земји делат заедничка европска визија, а Албанија ја поддржува Македонија за членство во НАТО, истакнаа шефовите на дипломатиите на двете земјии Никола Попоски и Едмонд Хаџинасто на денешната прес-конференција во Скопје.
- Сакаме да ја видиме Македонија да напредува кон НАТО интеграциите и ЕУ. Истото се однесува и на земјите од регионот без исклучоци, кои прво треба да се интегрираат меѓу себе, а потоа и во овие организации, рече Хаџинасто.
Во врска со палењето на македонското знаме, тој потенцира дека видел како се пали и албанско знаме и смета дека ваквите инциденти не смеат да се случуваат, но тие исто така не треба да ги компромитираат одличните односи меѓу Македонија и Албанија, туку треба да се осудат, а виновниците да се изведат пред лицето на правдата.
– Побаравме од сите политички фактори да покажат зрелост, смиреност и поддршка за институциите да можат да ги решат овие проблем, истакна Хаџинасто.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски го дели ставот на гостинот од Албанија.
- Кој било гест, кој цели кон нарушување на одличната соработка во регионот и е навредлив за кој било од нашите пријатели или соседи како во Македонија така и во Албанија, мора да биде осуден и третиран во рамките на институциите на системот. Имаме заедничка иднина во рамки на ЕУ И НАТО, делиме исти вредности и така треба да бидат третирани сите гестови кои сакаат да ја нарушат оваа цел и иднината која што сакаме да ја градиме, рече Попоски.
На новинарски прашања поврзани со македонското малцинство шефот на албанската дипломатија тврди дека Тирана ги почитува конвенциите за заштита на човекови права.
- Албанија е добар пример за почитувањето на правата на малцинствата како и за конвенциите поврзани со ова што беше потврдено при неодамнешната мониторинг мисија на Комитетот на Советот на Европа, тврди албанскиот министер Хаџинасто и покрај фактот што сите малцински партии во таа земја формираа заедничка коалиција и го бојкотираа недоамнешниот попис, во кој како што соопштија не им било дозволено јасно да ја изразат својата национална припадност.
Прашан дали на малцинствата им е скратено правото на самоопределување Хаџинасто со став дека е тоа погрешна информација и тврди дека пописот во Албанија бил воден според сите европски стандарди.
- Сите граѓани имаа можност слободно да се изјаснат, пописот е во фаза на обработка и до средината на летото ќе бидат објавени резултатите. Секое тврдење дека пописот бил следен со проблеми во однос на изјаснувањето на малцинствата за нивната етничка припадност е неточен и нема врска со реалноста, рече албанскиот министер.
За тоа кога Албанија ќе ја признае Македонија под уставното име, Хаџинасто тврди дека Тирана ја признава Македонија под уставното име во билатералните односи, но во мултилатералните организации, како што вели, се принудени да ја следат востановената политика на таа организација по ова прашање.
На средбата станало збор и за продлабочување на економската соработка особено во делот на инфраструктурата, енергетиката, за значењото на Коридорот 8. Од македонска страна било побарано да се забрза отворањето на граничниот премин Шепиште – Требиште, а наскоро се очекува да биде ратификувана во двете земји и спогодбата за слободно движење со лични карти.