Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска го прими членот на Европскиот парламент и претседавач на заедничкиот парламентарен комитет за соработка меѓу Европската Унија и нашата земја Андреас Шајдер.
Европратеникот Шајдер на средбата го изрази високото задоволство од исклучително добриот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во процесот на интеграцијата во ЕУ, и го оцени како силна порака и потврда за определбата на земјата да ги исполни обврските во пресрет на отворањето на преговорите за членство во Унијата.
Премиерот Заев од своја страна се заблагодари на поддршката што доаѓа од Европскиот парламент и изрази очекување дека и покрај денешната одлука на Република Бугарија да не даде поддршка за преговарачката рамка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, и дека со засилена комуникација и дополнителен ангажман постојат можности за излезни решенија за да има успех за сите, за македонската интеграција, за Република Бугарија, за регионот и за Европската Унија.