Претседателот на Владата, Зоран Заев вечерва заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими, професори и експерти во дебатата за Предлог-буџетот за 2021 година на Националниот јавен сервис, истакна дека има интерес за продавање на дел од државните компании, како и на ресурсите во кои таа е доминантен сопственик и тоа е објавено и пред појавата на економско-здравствената криза, а се работи за „Железници и транспорт“, „Македонски пошти“, „Еврокомпозит“, „Тутунскиот комбинат“ – Прилеп и други ресурси, како што е Попова Шапка, Ливадиште, ТЕЦ Неготино и слични ресурси.
„Очекуваме да се зголемат перформансите на нивното работење со влез на приватен капитал, тоа може да биде до 100 % откупување, може да биде јавно-приватно партнерство, државата да задржи еден дел, а под концесија да се даде друг дел и слично. Станува збор за неефикасни ресурси во рацете државата и тие треба се стават во функција на нови приливи во Буџетот. За „Македонски пошти“ веќе има заинтересираност од повеќе европски земји“, рече премиерот Заев, осврнувајќи се на плановите за ревитализација на ресурсите кои не се докрај искористени, а со кои ќе се обезбеди дополнителни средства за економско заздравување.
Премиерот Заев истакна дека анализите покажуваат дека има голем потенцијал и во можностите од продажба на земјоделското земјиште согласно одредени услови по пазарни цени што е во државна сопственост кое се проценува со вредност од повеќе од 2 милијарди евра, а од продажба на дел од него се очекуваат 200 до 300 милиони евра во 2021, 2022 и 2023-та“, оцени премиерот Заев во емисијата „Отворено студио“ на Националната радиотелевизија.