Јавниот интерес и владините комуникации
Што е јавниот интерес?
Иако јавниот интерес не е прецизно дефиниран, ниту е сеопфатно утврден неговиот опсег, тој се појавува како многу важен критериум низ законодавството и јавните политики во државата.
Јавниот интерес може да биде сфатен како збир на права и обврски кои влијаат врз целотонаселение во една држава. Обемот на јавниот интерес се утврдува од страна на државата преку правото. Тој опфаќа низа области коишто засегнуваат различни сфери од општеството и човековиот живот, како на пример: човековите права и безбедноста, економскиот раст, животниот стандард, културните и религиозните вредности и друго.
Јавниот интерес е интересот на пошироката заедница како целина, којшто има првенство пред индивидуалните потреби и права на поединците. Ова вообичаено се рефлектира во обврските коишто граѓаните треба да ги исполнат кон државата, како што се плаќањето даноци или почитувањето на сообраќајните прописи, бидејќи се смета дека почитувањето на овие правила и обврски е во најдобар интерес на сите граѓани. Оттука, на јавниот интерес може да се гледа како збир на правата и обврските на поединците и заедницата кон државата, како и обврските на државните институции за заштита и унапредување на одредени права предвидени во правните прописи.
Принципи за владините комуникации и владините кампањи од јавен интерес
Релевантност - во согласност со владините надлежности, приоритетни политики и одговорности:
Конкретните прашања коишто треба да бидат предмет на владин публицитет треба да бидат оние за коишто Владата има директни и суштински надлежности. Соодветно и неопходно е Владата да ги објаснува и да го образложува своите политики и одлуки и, кога е потребно, да информира, да советува или да ја предупредува јавноста. Владата има одговорност и право да користи публицитет за да поттикнува однесување што е од „јавен интерес“.
Објективно и информативно комуницирање, без пристрасност или полемичност:
Третманот на информацијата треба да биде што е можно пообјективен. Владините информации или активности за публицитет треба секогаш да се стремат кон информирање на јавноста, дури и кога целта е да се влијае врз однесувањето на лица или на одредени групи (на пример: пораки за здравствена заштита или безбедност). Треба да се избегнува персонализација на проблемите или градење личен углед.
Непартиски комуникации:
Несоодветно е да се оправдуваат или да се бранат политики со користење пораки коишто се типични за политичките партии, да се промовираат партиски активности или директно да се напаѓаат политики и мислења на опозициски партии и групации (иако можеби некогаш ќе биде неопходно да се одговори на истите на конкретен и коректен начин). Имајќи го предвид политичкиот повеќепартиски систем во Република Северна Македонија, можно е определена добро воспоставена јавна кампања да создаде политички кредит или штета за партиите од власта или од опозицијата, но ова не смее да биде ниту директна, ниту индиректна цел на владините информации или јавни активности коишто се платени со јавни средства.
Економичност, пропорционалност и рационалност:
Споделувањето на информациите со јавноста треба да биде организирано на економичен и соодветен начин, а за трошењето на јавните пари треба да се известува транспарентно. Владата е отчетна кон Парламентот за тоа на кој начин ги користи јавните ресурси или расходи. Информативните кампањи од јавен интерес на Владата треба да се натпреваруваат за внимание од јавноста со други активности на публицитет, односно со другите кампањи во општеството. За да бидат ефективни, тие треба да бидат презентирани на професионален начин, т.е. на начин на којшто јавноста (ќе) добива јасна порака. Притоа, лошата презентација може да значи неефикасно трошење јавни средства, без да се постигнат очекуваните резултати. Би било контрапродуктивно ако степенот на трошење на средства за јавна кампања го попречи комуницирањето на пораката којашто требало да се пренесе. Потребно е планирање на прецизни комуникациски цели, мерки и систем за евалуација за секоја комуникација којашто вклучува трошоци на ресурси, со цел да се осигураат ефективноста и резултатите при реализацијата.