Управување со службените социјални медиуми како официјални канали за комуникација

Подемот на социјалните и дигиталните медиуми ѝ овозможува на Владата директно и двонасочно да комуницира со граѓаните, да се информира за нивните интереси и да го земе предвид нивното мислење при креирањето и спроведувањето на владините политики. Сѐ повеќе граѓани ги користат социјалните медиуми како средство за информирање, и оттаму потребата за зголемена комуникација со јавноста преку службените социјални медиуми на институциите. Владата има за цел да го привлече и задржи вниманието на граѓаните преку социјалните медиуми.

Кодекс на однесување за владините службеници за односи со јавност

Правила

  1. Не се објавуваат, ниту се споделуваат содржини коишто би можеле да се сметаат за навредливи кон поединци или кон одредена група на граѓани.
  2. Не се објавуваат, ниту се споделуваат информации со коишто би се прекршиле нечии авторски права.
  3. Не се објавуваат, ниту се споделуваат информации со коишто би се извршило селективно промовирање или фаворизирање на одреден правен или приватен субјект, со што би се влијаело врз создавање нелојална конкуренција.
  4. Не се објавуваат, ниту се споделуваат информации коишто се класифицирани или имаат таков сличен статус или информации коишто би ги изложиле Вашите колеги и Вас лично на ризик, без разлика дали станува збор за криминал, тероризам или шпионажа. Информации поврзани со криминал, тероризам или шпионажа се пријавуваат кај соодветен орган/институција или кај претпоставениот.
  5. Не се објавуваат, ниту се споделуваат фотографии на коишто може да се препознае идентитет на малолетно лице, без претходно да се добие писмена дозвола од нивните родители/старатели, освен во случај кога настанот е јавен и е на отворено.
  6. Не се објавуваат, ниту се споделуваат содржини за коишто не сте сигурни дали се соодветни за јавност. Во овој случај треба да се побара совет од колега или од претпоставениот.
  7. Нови информации коишто за првпат се изнесуваат во јавност треба премиерно да се објавуваат на официјалните канали на Владата или на највисоките претставници на институциите.
  8. Не се објавуваат неточни информации или шпекулации со коишто на кој било начин би ги довеле граѓаните во заблуда.

Водич за користење на приватните канали на социјалните медиуми на владините комуникатори

При управувањето со приватните канали на социјалните медиуми на владините комуникатори, треба да се следат одредени насоки, коишто не се базираат врз забрани, туку врз правила и препораки. Не треба да постои забрана вработените да ги користат каналите на социјалните медиуми, но сепак треба да се почитуваат одредени правила.

Правила

  1. Објавувањето содржини во лично име може да се поврзе со позицијата и институцијата во којашто работи владиниот комуникатор, односно работната позиција како владин комуникатор и приватноста на личноста се тешко раздвојливи. Поради тоа, секоја содржина на личниот профил може да биде третирана и перципирана како став на институцијата, дури и во случаи кога ставот е нагласен како личен. Треба да се има предвид дали споделената содржина може да предизвика негативен публицитет и нарушување на угледот на институцијата во којашто работи владиниот комуникатор.
  2. Споделените содржини на личните канали на социјалните медиуми можат да станат јавни, дури и ако се споделени исклучиво на приватни и затворени канали. Учеството во евентуални политички или јавни дискусии и активности коишто може да ја компромитираат непристрасноста на владиниот комуникатор треба целосно да се избегнуваат.
  3. Активностите на владините комуникатори, како претставници на извршната власт, се под посебен мониторинг од граѓанското општество, од политичките субјекти и од медиумите, со што се мери поведението на извршната власт. Несоодветните комуникации коишто содржат дискриминирачка, навредувачка, заканувачка содржина, или елементи на говор на омраза, можат да бидат пресликани како карактеристики на институцијата којашто ја претставуваат владините комуникатори. Ваквите објави секогаш треба да се избегнуваат.
  4. Содржините споделени преку социјалните медиуми имаат еднаква важност со содржините споделени преку кој било друг традиционален или електронски медиум. Оттука, на приватните канали на социјалните медиуми треба да избегнуваме:
  • Промовирање на партиско-политичка пристрасност;
  • Активности коишто предизвикуваат негативна репутација за институцијата во којашто работи владиниот комуникатор или за друга институција;
  • Недоречености и нејасни информации коишто оставаат простор за различни толкувања или изменет контекст;
  • Навреди, говор којшто поттикнува омраза и дискриминација или така може да биде протолкуван;
  • Објавување класифицирани информации или службени содржини коишто сѐ уште не се објавени во јавност;
  • Учество во незаконски активности или несоодветно однесување;
  • Кршење на условите коишто се однесуваат на работниот однос на владиниот комуникатор, на каков било начин.
  1. Објавувањето во текот на работното време е несоодветно. Владините комуникатори, како и сите други јавни службеници и претставници на институции, имаат јавно достапни работни позиции и работно време. Секое објавување на содржини на социјалните медиуми во текот на работното време може да биде третирано како избегнување на работните задачи и со тоа да се нанесе негативна репутација на институцијата во којашто работи владиниот комуникатор.