Кодекс на однесување за владините службеници за односи со јавност

Основната должност на владините комуникатори е на јавноста да ѝ ги пренесуваат официјалните владини ставови и политики преку различни канали, што претставува еден од клучните елементи за демонстрирање отвореност, транспарентност и отчетност во работењето на Владата. Дополнително, владините комуникатори за време на своето работење имаат пристап до доверливи и чувствителни информации со коишто треба да се постапува на соодветен начин.

При комуникацијата со јавноста, владините комуникатори треба да се придржуваат до вредности и правила со коишто се обезбедува професионална, објективна, ефикасна и отворена комуникација со јавноста.

Затоа, изготвивме Кодекс на однесување за владините комуникатори во кој се содржани стандардите коишто се очекуваат од јавните службеници, а кои работат во комуникации.

Кодексот на однесување на владините комуникатори ги пропишува принципите, стандардите, правилата и практиките на соодветно комуницирање со јавноста преку официјалните канали на комуникација, вклучително и преку официјалните и приватните канали на социјалните медиуми.

Овој кодекс на однесување е изработен во согласност со постојната законска рамка во Република Северна Македонија, во којашто е наведено етичкото однесување коешто се очекува од владините комуникатори (јавни и кабинетски службеници).

Клучни принципи

Јавните и кабинетските службеници коишто работат на односите со јавност треба да ги следат следниве принципи за да обезбедат нивно соодветно работење:

  • Да ја кажуваат вистината
  • Да бидат непристрасни
  • Да бидат внимателни во својот пристап
  • Да ја задржат објективноста
  • Да носат одлуки исклучиво врз база на претходна анализа на факти
  • Да ги стават обврските коишто произлегуваат од службата пред личните интереси
  • Да се свесни за постоење на судир на интереси
  • Да го одвојат приватното од професионалното делување

За таа цел, потребно е постојано да бидат поставувани следните прашања:

  • Дали моето однесување е соодветно?
  • Дали моите активности евентуално би предизвикале прашања во врска со мојот професионализам, партиско-политичката неутралност и непристрасност како јавен или кабинетски службеник?

Во случај на дилема во одговорите на овие прашања, неопходна е консултација со претпоставен.

Управување со службените социјални медиуми