Премиерот Груевски ја предаде во употреба регионалната делница од дебарското село Џепиште до границата со Албанија


Премиерот Никола Груевски денеска ја предаде во употреба новата регионална делница од дебарското село Џепиште до границата со Република Албанија.


На свеченоста присуствуваа жители од повеќе населени места на областа Голо Брдо, од македонска и од албанска страна, претставници на локаланите власти на Дебар и Маврово-Ростуше, македонскиот амбасадор во Тирана, министри и пратеници.


- Реализиацијата на проекти чија основна цел е подобрување на состојбите со патната инфраструктура во државава, биле и остануваат една од основните цели на Владата. Во тој дух, денеска имам посебно задоволство што сум во посета на вашиот регион и што се собравме со еден убав повод - да го пуштиме во употреба новиот пат кој го поврзува Џепиште со албанската граница и населените места од другата страна на границата, изјави Груевски на свеченоста организирана во близина на преминот.


За оваа цел, додаде тој, Владата издвои 28,2 милиони денари и патот, што жителите со децении го чекале, е изграден со посредство на Агенцијата за државни патишта.


- Патот е во должина од 1,3 километри. Инвестирањето во патната инфраструктура недвојбено носи само позитивни движења во развојот и растот на економијата, изјави  директорката на Агенцијата за државни патишта Наташа Валкановска, најавувајќи реализација на други проекти за подобрување на патната инфраструктура во земјата, вклучувајќи ги тука  делниците Џепиште - Дебар, како и делницата Бошков Мост-Дебар-граничен премин Блато.


Премиерот Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, претходно ја предадоа во употреба реконструираната полициска станица во село Џепиште.