На Детската клиника ќе биде отворен Педијатриски ургентен центар
Педијатриски ургентен центар ќе се формира на Клиниката за детски болести во рок од 12 месеци, најавија денеска министерот за здравство Никола Тодоров и директорката на Клиниката Аспазија Софијанова.
Детската клиника ќе добие и ново амбулантно возилото кое треба да пристигне за 6 до 7 месеци.
За подобра распределеност на пациентите ќе се воведе контакт центар каде граѓаните ќе може да закажуваат прегледи на Детската клиника. Кол-центарот треба да почне да функционира за 30 дена, а ќе работи од 7:30 до 20 часот.
Предвидено е да се постави и систем на светлосна сигланизација во секоја соба, како и за звучна сигнализација, ќе се обезбедат и услови за лицата кои користат инвалидски колички, а ќе се направи и реконструкција на тоалетите.
Ова е предвидено во стратегијата за развој на Детската клиника што ги предложи менаџерскиот тим, а Министерството за здравство прифати да ги реализира.
Според министерот Тодоров, доколку доследно се применат овие мерки, значително ќе се подобрат условите на Детската клиника.