Отворена изложба за современ накит од млади креативци

Инвентивни парчиња накит на кои дoминира оригиналност, креативност и богатство на идеи ја сочинуваат изложбата на современ накит што вечерва  во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица ја отвори министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Во своето обраќање таа потенцира дека станува збор за резултати од творечката енергија на 20 млади креативци кои во текот на изминатата недела, под менторство на реномирани експерти за изработка на накит од Холандија, учеа и се усовршуваа во рамки на првата креативна работилница за изработка на современ накит. Работилницата, додаде, е практична примена на Стратегијата за развој на креативни индустрии, која пред три години ја изработија еминентни професори во соработка со невладиниот сектор.

- Стратегијата за развој на креативните индустрии е од особена важност за Република Македонија, затоа што токму креативните индустрии кои се во фокусот на многу европски земји се оние промотори и носители на културниот идентитет кои играат непроценливо важна улога во поттикнувањето на културната разновидност. Практичната примена на оваа Стратегија ќе овозможи нови вработувања, мобилност во економската размена и афирмација на претприемачкиот дух, рече министерката Канческа Милеска.

Пред присутните се обрати и претседателот Ѓорге Иванов, кој како професор е еден од авторите на Стратегијата за развој на креативни индустрии. Имено, пред неколку години, рече, ова беше идеја и замисла на една група интелектуалци предводени од проф. Антоанела Петковска, а кога како резултат на едно истражување ги согледале потенцијалите што ги нуди нашето општетство тоа истражување го преточиле во текст кој стана стратегија за развој на креативните индустрии.

- Вечерва радува што она што беше идеја пред неколку години денес е реалност и е пример за сите млади и креативни луѓе во Македонија кој треба да го следат и да видат како можат нивните идеи и замисли да бидат нешто од кое можат да ја обезбедат својата егзистенција. Тоа може да биде и препознатлив бренд за нашата држава кој може да биде поттик за сите оние коишто ги чуваат и не се осмелуваат своите идеи да ги материјализираат да го сторат тоа, порача претседателот Иванов.

Изложбата „Презентација на изработени парчиња современ накит“  е во рамките на тематската работилница која од 12 до 18 март се одржа во Скопје и е првата од трите предвидени работилници како дел од проектот на Министерството за култура за унапредување на културните индустрии во нашата земја. Во јули и септември е предвидено да се одржат работилници за изработка на мебел и амбалажа.