Заев: Со „Акција 21 – за европски стандарди дома“ ги забрзуваме процесите за европска Северна Македонија и за да ги почнеме преговорите со ЕУ во секое време

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска одржа прес-конференција на која ги презентираше проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година.

Обраќањето на премиерот Заев ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

Без разлика што ЕУ испрати лош сигнал за проширувањето, сите ние, и како држава, и како Влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратешки колосек. Нема отстапување од стремежите за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во алијансата како членка во НАТО и непоколеблива посветеност кон членството во ЕУ.

Дома, нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка, да предизвика застој во внатрешните реформи. Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома.

Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик! Ќе продолжиме со реформите со уште посилен интензитет.

Затоа денеска, имам чест да претставам неколку од клучните проекти и програми кои ќе го окупираат нашето внимание и време следната година. Овие големи и важни, домашни, македонски проекти се дел од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!”

Ги повикувам на обврска сите владини функционери и службеници да продолжат да даваат максимум на целите кои ги утврдивме како највисок интерес на граѓаните и за кои добивме мандат да ги реализираме. Ве повикувам и вас почитувани граѓани, приклучете се, дајте максимум сега, кога сме најподготвени да си го направиме животот дома подобар и поубав.

Сите заедно, продолжуваме да ја правиме Северна Македонија европска, подготвени во секое време да ги почнеме преговорите со ЕУ.

Во „Акција 21“ вклучуваме 10 приоритети, а број 1 на листата е – Прочистувањето на правосудството.

Во финалето сме на длабоките и суштински реформи во правосудството преку ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството. Стигнавме до тука после тешка битка со противниците на правдата. За некои од нив, за Мицкоски на пример, во неколку наврати јавно чувме дека се единствени на браникот на криминалот – го знаевме тоа, затоа беа против Законот за јавно обвинителство кој како владејачко мнозинство го донесовме во Собранието.

Како резултат на тој закон, предметите за висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за тешки кривични дела. Изминатава година од страна на Судскиот совет биле покренати 80тина предмети, а осум судии биле разрешени. Процесите се почнати, нема назад.

Моделот за прочистување или филтрација, е во завршна фаза. На него работеа првенствено претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност и тие ќе бидат тие што ќе го усвојат моделот што сами го креираат и што ќе го спроведуваат.

Ќе се ревидираат цели досиеја. Секој судија ќе биде оценуван. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: Како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност.

Ќе иницираме носење законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес.

Тука пред сѐ мислам на предметите од организиран криминал и корупција, како и други предмети од јавен интерес.

Целиот процес ќе оди во фази и постепено, ама ќе се проверат сите.

Во оваа активност е вклучена и проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција.

Паралелно на овој процес, на почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ.

Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани за високата корупција. И тоа никако нема да зависи од стартот на преговорите со ЕУ.

Ги носиме најдобрите европски стандарди и практики дома.

Вториот приоритет е борбата против корупција, преку воспоставување јасни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители, преку силна политичка волја и преку мотивација на секој граѓанин, на сите нас, да се ангажираме во искоренувањето на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад.

Го намаливме бројот на министри и формиравме ефикасна, отворена и одговорна Влада, подготвена да работи и да сработи посветено, исклучиво во интерес на граѓаните и државата.

Ги видовме и првите резултати. Врз основа на прекршените одредби на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и функционерите именувани од Владата, беа разрешени неколку директори на владини агенции и јавни претпријатија и цел состав на една комисија.

Чекор понатаму е нашата препорака општините да ја зголемат транспарентноста, бидејќи имаме наоди дека локалната власт недоволно ја следи централната кога е во прашање отвореноста и транспарентноста – затоа, финансиските трансакции за програмите преку кои Владата исплаќа средства на општините, капиталните инвестиции, инвестициите со поддршка на Светска Банка, проектите од средствата од ТАВ, ќе бидат условени со видливо зголемена отчетност на општините.

Секој што ќе го прекрши законот, ќе мора да се соочи со одговорност. Мора да има ред еднаш засекогаш во институциите.

Оваа Влада како ниту една во историјата на нашата земја спроведува максимална отвореност и целосна транспарентност. Тоа значи европски стандарди дома и во таа насока ќе продолжиме уште повеќе да се усовршуваме. Граѓаните имаат право да знаат како се трошат народните пари, и како и колку работат институциите и сите кои користат буџетски средства.

Почитувани,

Како одговорни политичари, но пред сѐ како граѓани, се обврзуваме на силна, бескомпромисна борба за заштита на животната средина и најавувам засилен ангажман во акцијата за чиста и здрава животна средна, како приоритет број 3 од иницијативата Европски стандарди дома.

За 2021 година во Програмата за намалување на аерозагадувањето се предвидени 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност, обновување на урбаното зеленило.

До 20 пати ги зголемивме казните за прекршоци во животната средина и воведовме 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати, а преку вмрежување со локалните капацитети ги зајакнавме и нивните ингеренции. Првите резултати ги очекуваме уште во првото тромесечје од 2021 година.

Министерството за животна средина и просторно планирање работи на закон за формирање комунална полиција на локално ниво, со која досегашните комунални инспектори и екопатроли ќе можат заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности.

Во 2021 година ќе продолжи инвестирањето во замената на нееколошките системи за греење и до 2024 година ниту една државна институција нема да користи загадувачки енергенси.

Од државниот буџет ќе се финансира со 70 милиони евра еколошки чистиот и брз автобуски систем во Скопје и ќе продолжат субвенциите и имплементацијата на проектот инвертер клими за дополнителни 5000 домаќинства.

Идната година високо во приоритетите е да го зголемиме процентот на заштитени природни подрачја. Оваа година започна постапката за прифатливост за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, како и постапката за прифатливост за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за парк на природа и на дел од Водно за заштитен предел.

Во 2021 година ќе продолжиме со постапката за Шар Планина да се развива како национален парк и ќе се донесат планови за управување со националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово, како и планови за управување со заштитените подрачја.

Почитувани граѓани, влегуваме со активности за конечно запирање на ширењето на КОВИД-19 и за санирање на штетите од оваа глобална криза.

Имаме уплата за 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на Ковакс механизмот.

Согласно планот за дистрибуција вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021.

Покрај овој механизам, започнавме преговори и за директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините.

Предвиден е и трет механизам преку Европската унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони.

Се подготвуваме и набавуваме фрижидери за секој тип вакцини и за сите температури. Ова е така бидејќи ќе има повеќе достапни вакцини кои сигурно ќе ги користиме, а се складираат на различна температура.

Порачувам до секој наш граѓанин – и во 2021 ќе продолжи државната економска помош за сите кои се соочуваат со штети како резултат на пандемијата – државата е во добра финансиска кондиција и ќе биде тука за секого. Ќе помогнеме да исплаќаат плати, да се зачуваат и да се отвораат нови работни места, ќе ги поддржиме фирмите да ги трансформираат своите дејности – тоа е новата реалност, тоа е новата македонска економија.

Во исто време, апелирам силно, да останеме внимателни и најдисциплинирано да се придржуваме до активните мерки.

Претстојните празници да ги одбележиме одговорно. Во кругот на семејствата и да покажеме грижа за здравјето на нашите најдраги.

Чекорите што ги презедовме во јавното здравство, покачувањето на платите и надоместоците, инвестициите во објекти и опрема, резултираа со силна посветеност на здравствените работници во борбата против невидливиот непријател.

Нема да застанеме тука, напротив, уште повеќе ќе инвестираме во здравството за тоа да стане уште подобро и уште поефикасно.

Почитувани,

Светските и европски стандарди ги носиме дома и преку индустријата за одгледување канабис за медицински цели и за производство на продукти од оваа билка. Канабисот е една од најдинамичните индустрии во светот и политиката на владата е не само да ги препорачува овие искуства, туку и понатаму да ги поддржува компаниите кои влегуваат во овој бизнис кој во нашата земја веќе отвора илјадници добро платени работни места.

А искуствата на другите држави како Канада, Холандија и Чешка кажуваат дека овие земји годишно заработуваат околу 55 милијарди долари од оваа дејност.

Во Северна Македонија досега се одобрени 59 лиценци за оваа дејност и сакам да истакнам дека Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа индустриска гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи. Во европските и светските пазари имаме стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани.

Маслата од канабис и другите продукти, влијаат позитивно на многу симптоми на болести како што се мултиплекс склероза, ХИВ, Паркинсонова болест, епилепсија и други малигни заболувања.

Тоа отвора огромни потенцијали и пазари, верувам дека во таа насока Парламентот е подготвен да ги усвои предложените законски измени за кои што имавме одредено блокирање во изминатиот период. Со донесување на измени и дополнувања на Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции, развој и нови работни места.

Ако тоа го направиме до крајот на оваа година, следната година очекуваме преку 250 милиони евра приходи од производство на канабис за медицински цели. Тоа ќе стимулира отворање на нови високо платени работни места. Во 2021 планираме и да ја прошириме листата на дијагнози за кои е дозволено лечење со медицински канабис и да обезбедиме декриминализација и депенализација на канабисот за мали количини за лична употреба. Бидејќи, точно е тоа што го зборуваат активистите од граѓанскиот сектор – не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде низ светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност. До јуни 2021 ќе ја отвориме дебатата, а потоа процесот ќе оди во Собранието. Се разбира, полицијата ќе продолжи со своите силни акции против криминал и трговија со дрога, за кои сведочиме секојдневни успеси, за што сакам да му честитам на министерот за внатрешни работи.

2021 е година и на новата македонска енергетика!

Темелно ги следиме трендовите и политиките на ЕУ во поглед на енергетската транзиција и целта до 2050 година европскиот континент да има нула емисии од секторот енергетика. Ние сме дел од Европа, така и се однесуваме – одлучно се движиме кон енергетската транзиција.

За новата енергетска иднина имаме и огромна поддршка од нашите партнери ЕУ, НАТО и САД, кои преку своите фондови и развојни агенции пружаат огромна поддршка.

Во 2021 година очекуваме реализација на проект со кој термоелектраната Осломеј ќе се замени со фотонапонска електрана. На местото на стариот рудник во РЕК Осломеј сега се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електрани од по 50 MW. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра.

АД ТЕЦ Неготино распиша оглас за изработка на Физибилити студија и во првата половина на 2021 ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електрана на истата локација по моделот на јавно приватно партнерство или ќе се продава АД ТЕЦ Неготино. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра со нови стотина мегавато зелена енергија

Дополнително обезбедени се грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 MW во РЕК Битола.

Во изминатата година успешно беа спроведени првите транспарентни постапки за доделување на премиум тарифи за изградба на фотонапонски електрани во вкупен инсталиран капацитет од 62,5 MW, од кои веќе неколку се пуштени во употреба. Во првиот квартал од 2021 ќе биде објавен нов тендер за дополнителни 60 MW фотонапонски електрани по истиот принцип. Инвестицијата е над 35 милиони евра.

Во текот на 2021 ќе започне изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13.8 MW. Проценетата инвестиција е 21 милион евра.

Започнува реализацијата и на нови ветерни паркови во Богданци, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца.

Идната година и официјално започнува проектот изградба на гасовод помеѓу Северна Македонија и Грција со кој ќе се обезбедат дополнителни количини на природен гас од други извори со конкурентна цена, со сигурност и безбедност во снабдувањето. Обезбедуваме гас од Азербејџан преку ТАП (Trans Adriatic Pipeline). Ова e клучен проект за енергетски – економски развој на Северна Македонија. Инвестицијата само за интерконекторот со Грција проценета на 50 милиони евра, од кои 10 милиони се грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и со овие два проекти, Северна Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас и еден од главните играчи со природен во регионот.

Продолжува изградбата на магистралните гасоводи низ целата држава со засилено темпо. Идната година завршуваме со кракот до Битола, и до Тетово и Гостивар, а потоа продолжуваме со Гостивар – Кичево, Св. Николе – Велес, и делницата до Гевгелија и до ТЕЦ Неготино, и со заокружување на прстенот кон Охрид и Ресен до Битола.

Во 2021 година започнува втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини. Двете турски компании АКСА и ПАЛЕТ ИНСААТ се во втората фаза од натпреварот за стекнување на привилегијата за приватен партнер со проценета инвестиција од околу 300 милиони евра.

Штип и Крива Паланка се веќе подготвени, тие се првите македонски градови после Струмица и Куманово, со комплетирана проектна документација за секундарната мрежа, а во фаза на изработка е и документацијата за Прилеп, Битола и Тетово. 2021 ќе биде годината кога ќе започне изградбата на секундарната гасоводна мрежа во 10 македонски градови со што цевките за гас ќе стигнат до домаќинствата.

Веќе во јануари 2021 година ќе стигнат анализите и проценките за нашето учество во изградба и сопственост на Терминалот за течен природен гас во Александропулос и Гасната електрана Александропулос. Во текот на 2021 Владата ќе донесе соодветни одлука за инвестирањето во овие проекти.

Во енергетиката навистина имаме што да кажеме и имаме аргументи зошто сме лидер во регионот по ова прашање.

Пред три дена заврши рокот за доставување понуди за огромниот проект Чебрен. После 11 години обиди на претходната власт кои пропаѓаа уште во фазата на распишување на тендерите, на нашиот јавен повик за пројавување интерес пристигнаа повеќе понуди од кои 10 се од џиновски компании од Европа и Кина. Сега продолжува следната фаза за проектот вреден меѓу 600 и 800 милиони евра и тоа само по себе ја покажува сериозната намера за успех.

Градиме во енергетиката и градиме и се поврзуваме преку Коридорот 8 и преку другите капитални проекти.

Буџетот за 2021 година на Министерството за транспорт и врски е развоен и во него во најголем дел од проектираните средства или 83 проценти се наменети за капитални проекти. Со Буџетот планираме да обезбедиме високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и за изградба на социјални станови.

Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8 во втората и третата фаза вредни 600 милиони евра.

Коридор 8 е главната артерија која и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија како крстопат помеѓу соседите, а ги поврзува Црното со Јадранското море.

Само во северо-источниот и источниот регион реализираме инвестиции од над 80 милиони евра и интензивирана е изградбата на патната инфраструктура како никогаш досега.

За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме 937 милиони денари за изградба и реконструкција на канализации и водоводи во општините. За следната година веќе обезбедивме 615 милиони денари за изградба и санација на локални улици и патишта во општините, многу значаен проект за подобрување на урбаното живеење. Започнува изградбата на браната Отиња во Штип.

Посебно внимание ќе биде посветено на навремената реализација на капиталните проекти или на одделни фази од нив за оние долгорочните.

За таа цел, на централно ниво, под координација на министерот за финансии, ќе се формира меѓуресорско тело за надгледување и реализација на капиталните проекти со цел да испорачаме високо ниво на нивна реализација. Ова меѓуресорско тело ќе има задача да следи и да алармира дали капиталните инвестиции се реализираат според предвидената динамика за секое тромесечје.

И покрај пандемијата државата докажа дека има капацитет да организира сложени операции со масовно учество на граѓаните.

Така ќе биде и со пописот на населението во 2021 година.

Северна Македонија нема организирано попис 18 години, со што е единствена држава во регионот и пошироко без спроведена ваква статистичка операција.

Ова дефинитивно ќе го смениме во првата половина на 2021 година.

Потсетувам дека во Извештајот на Европската Комисија беше нотирано дека е постигнат особено добар напредок во спроведувањето на пилот фазата од пописот на населението. Затоа сме сигурни дека следува успешна статистичка операција спроведена според најдобрите стандарди на ЕУ.

Имаме за цел со предлог Законот за попис, оваа статистичка операција, сега и во иднина да не се третира веќе како политичко прашање.

Пописот ќе чини вкупно 8,5 милиони евра. Тоа е за 5 милиони евра помалку од пропаднатиот попис на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во 2011 година.

Наместо хартија ќе има електронски уреди. Одговорите на дел од прашањата ќе се земаат од базите на податоци кои ги организиравме во изминатите три години.

Пописот во 2021 ќе се спроведе – не заради тоа што премиерот Заев така рекол. И не заради тоа што Мицкоски така сака или не сака. Попис во 2021 ќе има заради тоа што развојот на нашата земја нема да биде можен без резултатите од овој попис. И заради тоа што на граѓаните, на институциите, на организациите, на бизнисот, на науката и на академијата – им требаат нови, релевантни и точни статистички податоци за нашето население.

Почитувани граѓани,

Како Влада имаме голема обврска и одговорност да се спротивставиме на дезинформациите и да ги спречиме штетите кои ги нанесуваат лажните вести. Затоа еден од нашите приоритети во „Акција 21 е – Стоп за дезинформациите“.

Најавувам засилени активности во периодот што следи, широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор и уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата во нашето општество, во рамките на Планот за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата.

Со овој план се изработи и протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, кој доколку не постоеше во време на ковид кризата низ која поминуваме, ќе имавме големи тешкотии во справувањето со лажните вести, кои во огромен број беа пласирани преку квази медиуми.

Такви тенденции се препознаваат уште сега и со вестите поврзани за вакцината против КОВИД-19 со цел да предизвикаат недоверба кај граѓаните и да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата со пандемијата.

Овие обиди ќе се разобличуваат како дезинформации во соработка со факт чекерите и на медиумите ќе им се обезбеди најтранспарентно пристап до релевантни извори и информации за креирање објективни медиумски содржини од јавен интерес. Владата има обврска да го штити јавниот интерес и во таа смисла ќе направиме се што е во наша надлежност населението да биде целосно, навремено и точно информирано за начините на заштита од КОВИД, вклучително и за процесот на вакцинација.

Кога станува збор за одбраната од сајбер нападите, сакам повторно да потенцирам дека е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на нашето Министерство за одбрана со НАТО, на полето на сајбер одбраната и документот е подготвен за потпишување, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади.

На крајот, сакам да се заблагодарам и за соработката и поддршката која ни ја даваат сите наши стратешки партнери на оваа тема. Северна Македонија ќе биде лидер во изнаоѓањето на решенија во борбата со дезинформациите кои го напаѓаат целиот свет, и верувам дека рамо до рамо со партнерите од западот и НАТО, соодветно ќе возвратиме на оваа штетна појава.

Тука сакам да се осврнам и на еден важен сегмент од најавената и во јавноста актуелна реформа во образованието – Медиумската писменост ќе стане дел од наставата со цел да им помогнеме на младите генерации да бидат најсилните отпорници на лажните вести.

Како следен приоритет за 2021 година се постапките за измени или дополнувања на Законот за данок на имот, на законските можности за легализирање на автомобилите со странски таблички, како и за можностите за стимулирање и погодности за ставање во функција на кеш парите што се чуваат дома или на парите од заштеда или добивка.

Врз основа на анализите и показателите, подготвени сме да креираме политики да го поттикнеме интересот на граѓаните да го стават тој „мртов капитал“ во финансискиот промет, односно да инвестираат.

Ставањето на парите од така наречениот „мртов капитал“, кој се чува на несигурни места во домашни услови, ќе донесе добивка за граѓаните, раздвижување на финансискиот пазар и нови инвестиции, а како дополнителна придобивка тоа може да значи и нови работни места.

Се разбира, овие идеи и иницијативи ќе се спроведуваат исклучиво во согласност со регулативата на ЕУ и со европските и меѓународните позитивни искуства и истите ќе вклучат јасни даночни обврски.

Сосема разбирливо, ќе се води исклучително внимание воведувањето на овие политики да не го злоупотребат лица кои поседуваат нелегално стекната готовина или финансиски средства за кои постои основано сомневање дека се стекнати со криминални дејствија.

За крај, сакам да се осврнам уште еднаш на образовната реформа во основното образование и да укажам дека преку неа, во наставата ќе се вклучат наставни содржини кои се клучни за нашите деца, суштински за учениците да влезат подготвени во овој нов современ дигитален свет. Во образованието вклучуваме медиумска и дигитална писменост, содржини за антикорупција, екологија, но и содржини и часови по хигиена која се покажа како круцијална во борбата со КОВИД-19. Се разбира, новите содржини не одат на сметка на постоечките. Учениците и натаму ќе учат историја, географија, хемија, биологија и се друго што е неопходно за нивните знаења.

Но за оваа работа низ дебата ќе го избереме најдобриот модел.

Почитувани,

Не чека една исклучително значајна година.

Десетте приоритети од нашата „Акција 21 – за европски стандарди дома” се принципите и нашата заложба кои ќе не водат во наредната година. Нивното исполнување ќе биде наш мотив да работиме и да продолжиме до крајот на мандатот на оваа Влада со имплементација на европските стандарди во секоја клетка од нашето општество.

Европа дома значи подобар живот за секој македонски граѓанин, за секој еден човек што живее во нашата заедничка Северна Македонија.

Ви благодарам.“