Тригодишен проект за активирање на кината во 14 центри за култура низ Македонија
Киносалите во 14 центри за култура, кои најчесто поради мал дефект на опремата се затворени и над десетина години, ќе бидат оспособени и активирани етапно, оваа и наредните две години, со проект на Министерството за култура. Тој ќе се реализира преку Филмскиот фонд на РМ, со вкупен буџет од 11 милиони денари.
- Проектот предвидува обновување на опремата за прикажување филмови во киносалите во центрите за култура, со што ќе се осособат капацитетите што веќе постојат, и ќе се овозможи прикажување филмови во сите градови низ Македонија...Целта е да се прикажуваат што повеќе филмови, а со тоа и создавање филмска култура, рече на прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Четиринаесетте центри се избрани врз основа на анализа на Филсмкиот фонд за состојбата на нивните киносали и опрема. Според неа, повеќе поголеми градови имаат кина со застарена, дотраена или нефункционална опрема. Проектот најпрво ќе ги опфати кината кои имаат кинопроектор и кинооператор: Куманово, Охрид, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Неготино и Кочани.
Во буџетските 2013 и 2014 ќе бидат опфатени центрите за култура кои имаат киносала во добра состојба, но на кои им треба поголема инвестиција за да се обезбеди киноопрема (проектор, платно, аудиоопрема...) Во втората фаза се Тетово, Гостивар, Дебар и Кичево, а во третата фаза - Велес, Струмица и Делчево.
Директорот на Филмскиот фонд на РМ Дарко Башески рече дека проектот е важен зашто со него ќе се создаде киномрежа, која е основа за работата на македонските дистрибутери.
- Потребата од овој проект беше насушна. Зголемувањето на филмската продукција е евидентна и има потреба од киносали, да се прикажат овие македонски филмови. Публиката има потреба да ги види и европските и светските филмови кои ни поминуваат пред нос, рече Башески.
Редовен репертоар сега имаат само четири кина во Македонија, од кои три во Скопје (Милениум, Рамстор и Фросина), и малата киносала во Центарот за култура во Битола, која беше реновирана со средства од Европскиот филмски фонд „Еуримаж“. Повремено проекции има и во Кинотеката на Македонија.