Владата на Република Северна Македонија на вчерашната 35-та седница донесе одлука за зголемување на висината на финансиската поддршка за подмерката за ориз без сертифициран семенски материјал.
Со направената измена се зголеми поддршката за земјоделците кои немаат сертифициран семенски материјал од 18.000 на 25.000 денари за површини до 5 хектари.
Оние земјоделци кои имаат површини од 5 до 50 хектари ќе добијат финансиска поддршка од 30.000 денари по хектар, а претходно добивале 18.000 денари.
Направените измени на „Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања“ за 2020 година, се однесуваат на површини на кои се одгледува ориз без сертифициран семенски материјал. Со ваквата зголемена финансиска поддршка, дополнително ќе се стимулира производството на ориз.
Одлуката е донесена врз основа на редовни конструктивно состаноци со оризопроизводителите и откупувачите. Постојаната комуникација на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, отворената соработка и дискусиите во кои беа вклучени сите засегнати страни, доведоа до решение кое ќе има долгорочно, системско влијание за зголемување на производството на ориз, кое е стратешка земјоделска гранка за кочанскиот регион од која егзистираат многу семејства.