Премиерот Заев од собраниската седница: Очекувам од бугарската страна да направи чисто признавање на македонскиот народ и македонскиот јазик, а опозицијата да не печали лични поени на штета на европската иднина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања, објасни и околу разговорите со Република Бугарија и побара од опозицијата во земјава да не печали политички поени врз интересите на граѓаните на државава, кои се за членство во ЕУ.

„Исклучително исправно е за државата да склучува договори, низ коишто ќе бара решенија и кoишто ќе го гарантира европскиот и евроатлантскиот пат на нашиот народ. Преку 75 проценти од граѓаните сметаат дека се ова нашите стратешки интереси.

Нашиот македонски идентитет и јазик никогаш не биле на маса на преговори и разговори и нема да бидат. Тоа е наше право, самоопределување, европски право и очекувам од бугарската страна да направи чисто признавање на македонскиот народ и македонскиот јазик, без какви било задршки, уцени или резерви, затоа што пријателите тоа го прават“, порача премиерот Заев.

Тој изрази очекување дека историската мешовита комисија ќе продолжи да бара решенија за отворените прашања, оценувајќи дека формулацијата заедничка историја помеѓу двата народа и двете држави е сериозна формулација на градење пријателство и европска иднина. Премиерот Заев додаде дека постои заедничка македонска и бугарска историја, како што постои посебна македонска историја којашто си ја имаме како македонски народ и како држава.

„Низ ваквите формулации можеме да градиме иднина“, рече премиерот Заев.  

На обраќање од пратеничка од опозицијата со посочувања за фашистички однесувања во земјава, премиерот Заев одговори дека „народните херои ги убил фашист, а не цели народи“, дека „Бугарија не била администратор во земјава, била окупатор, но одлуката на тогашната власт и администрација во Бугарија, не ни дава за право да негуваме непријателски чувства кон целиот бугарски народ и бугарската држава“.

„Затоа е важно како зборувате. Секој може да печали по некој поен заради некој личен интерес, политички, за да дојдете до власт, моќ, пари, но оваа реторика и драматургија е заради ваши димензионирани интереси“, укажа премиерот Заев.  

„Ќе се однесуваме одговорно и ќе градиме пријателство, во сé што е наша светост: национална посебност, македонски јазик, македонски народ, македонски идентитет, како и идентитетите на сите помалку бројни заедници во нашата заедничка татковина. Успева државата да оди напред. Денеска сме членка на НАТО, како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Ќе бидеме членка на ЕУ, како Македонци кои зборуваат македонски јазик“, порача премиерот Заев.