Бектеши: Веќе се дизајнираат мерките од петтиот пакет, обезбедени се 50 милиони евра, ќе бидат наменети за најпогодените

Веќе го дизајнираме Петтиот сет економски мерки, со кој ќе бидат поддржани најпогодените компании. За оваа намена во Буџетот за 2021 година се обезбедени 50 милиони евра. Реализацијата на Петтиот сет економски мерки согласно плановите ќе започне во февруари, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во 24 Анализа на Телевизија 24.

„Првично обезбедивме Буџет за 2021 година во П1 програмата преку која се спроведуваат мерките за Ковид 19 и имаме обезбедено 50 милиони евра. Мерките веќе ги дизајниравме и ќе бидат таргетирани секторски каде пандемијата имала најголемо влијание на намалување на приходите и на отпуштање на работници и слично“ кажа Бектеши.

Министерот потенцираше дека мерките како и досега ќе се креираат во соработка со Стопанските комори во рамки на јавно-приватниот дијалог.

„Сите мерки и предлози ќе бидат дискутрани со Стопанските комори, ќе ги собереме сите предлози кои доаѓаат од различни институции, вклучително и на Министерството за економија и на почетокот на февруари, во согласност со нашите планови и динамика ќе излеземе со мерките и ќе почнеме да ги реализираме“ кажа министерот.

Бектеши потенцираше дека мерките кои што ги донесе Владата во првите четири сета дадоа резултат, а податоците покажуваат дека се намалува бројот на компании кои бараат финансиска поддршка од државата.

„Ако ја гледаме реализацијата на мерките од март, кога започна пандемијата, па до сега ќе видиме дека во континуитет има намалување на бројот на компании кои аплицираат за мерката за финансиска поддршка за исплата на плата. Тоа значи дека се подобрува состојбата кај компаниите“ кажа Бектеши.

Министерот потенцираше дека ова го потврдуваат и податоците за реализација на буџетот за 2020 година кои покажуваат раст на приходите од даноци и придонеси.

“Сите мерки кои што ќе ги предложат Стопанските комори, како и досега ќе бидат земени во предвид во Советот за јавен-приватен дијалог. Но, нема да застанеме тука. Со сите мерки кои што ќе ги превземеме во наредниот период ќе им излеземе на компаниите кои се најпогодени од кризата предизвикана од пандемијата“ кажа Бектеши.