Средба на министерот Адеми со градоначалниците од Југоисточниот плански регион

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми попладнево во Струмица одржа работна средба со градоначалниците од Југоисточниот плански регион.

На средбата се разговараше за условите дефинирани во моделот на концесискиот договор, како дел од тендерската документација на третата  и последна фаза од Конкурентниот дијалог за доделување концесија за управување со цврст отпад во Југоисточниот плански регион, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.

На градоначалниците им биле презентирани барањата и сугестиите за тендерската документација, добиени од потенцијалните концесионери, кои беа доставени на разгледување и усогласување помеѓу двете страни во рамки на последната фаза од Конкурентниот дијалог, односно во делот на преговарање и усогласување на условите за доделување на концесијата.

На состанокот биле разменети мислења и сугестии и за проширувањето  на локацијата на депонијата, условите за собирање отпад, условите за наплата, обврските на општините и планскиот регион во целост, како  и обврските на понудувачите, односно потенцијалните концесионери.

Според договореното на состанокот, процесот на преговарање ќе продолжи и до конечно усогласување на моделот на Концесискиот договор ќе се одржат уште неколку средби.