Министерот за здравство, Венко Филипче, го потпиша договорот за набавка на вакцини против КОВИД-19 од кинескиот производител „Синофарм“. Со Договорот, Република Северна Македонија од кинеската компанија „Синофарм“ обезбедува 200.000 вакцини кои ќе пристигнат во месец февруари. Точниот датум на пристигнување и сите информации поврзани со испораката се очекува да биде утврден во следните денови. Министерството за здравство почитувајќи ја одредбата од договорот за тајност, а во согласност со глобалната политика на сите компании за производство на вакцини, вклучително и на „Синофарм“, податоците што ги содржи договорот остануваат доверливи.
Вакцините од Кина во нашата земја ќе пристигнат на аеродромот во Скопје. Направен е детален план за транспорт на вакцината од аеродром до економските оператори (веледрогерии) кои се задолжени за складирање на количините, а потоа и план за дистрибуција до вакцинални пунктови каде ќе се спроведува вакцинацијата.
Изминатата недела се вршеа премери на волуменот на ладните соби за чување, а се вршеше и проценка на капацитетите за складирање на целата количина.
Вакцината на Синофарм се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, а вакцините се пакувани во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината.
Овој тип на вакцини има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста, поради тоа може да се даваат на сите граѓани, без ограничување по било кој основ. Конкретно за оваа вакцина на Синофарм, термините за вакцинација во ЈЗУ-а ќе бидат на 10 минути, по пациент. ЈЗУ-ата ќе работат во две смени со цел да се постигне што повисока стапка на вакцинација на дневно ниво. Според Националниот план за вакцинација против КОВИД-19, први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во Итна помош и други здравствени работници опфатени во првата група од Фаза 1, како и возрасните граѓани над 70 години.
Сите вакцини кои се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните. Производителите на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а некои производители дополнително се регистрирани и од европското и американското регулаторно тело за квалитет на лекови.
Воведување на КОВИД-19 вакцинација ќе одигра клучна улога во намалување на штетните ефекти врз здравјето на популацијата и општеството воопшто, јакнење на колективниот имунитет во услови на пандемија. Имунизацијата е силно оружје во борба со корона вирусот, но и покрај тоа здравствените мерки за лична заштита задолжително треба и понатаму да се почитуваат.