„Потпишувањето на договорот значи користење на грант неповратни средства од германската влада во износ од 2,4 милиони евра, со цел изработка на технички студии и документи кои се неопходен чекор во насока на инвестициите во обновливи извори на енергија. Овие грант средства ни ставаат на располагање дополнителни 80,5 милиони евра евтини кредити за изградба на енергетските објекти“, истакна премиерот Заев на потпишувањето на Договорот за грант од „Програмата за обновливи извори“ за поттикнување на енергетската транзиција, од јаглен кон обновливи извори на енергија помеѓу Електрани на Северна Македонија и Германската банка за развој банка „KfW“.
„Со потпишувањето на денешниот договор, правиме уште еден чекор напред во исполнувањето на зацртаните цели во Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Тоа подразбира силна волја и посветеност за имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливо за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки бенефити“, објасни премиерот и додаде дека поддршката е од огромна важност бидејќи го забрзува темпото кон енергетската транзиција за почисто производство на електрична енергија, користење на обновливи извори на енергија, замена на јагленот со природен гас и намалување на јаглеродните емисии на долгорочен план.
Премиерот Заев изрази благодарност до пријателска Германија за целата поддршка која ја дава на нашата земја во последните 20 години за развојни проекти во вкупен износ од преку 500 милиони евра од кои повеќе од половина се во енергетскиот сектор.
Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјата Анке Холштајн изрази задоволство што соработката помеѓу двете држави се проширува и интензивира, овој пат во областа на енергетиката.
„Владата е на вистинскиот пат со вложувањето кон обновливи извори на енергија и поддршка на зелени инвестиции во јавниот сектор кои ќе придонесат во намалување на загадувањето. Во Германија јасно се гледаат предностите од обновливите извори на енергија и чекорите кои ги прави Северна Македонија во реформите на енергетскиот сектор“, истакна Холштајн.
Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека Германија и „KfW“ се наши партнери во спроведување на зеленото сценарио преку поволни кредитни линии, преку стручна помош и преку неповратни средства - каков што е денешниот грант од 2,4 милиони евра.
„Со средствата кои се предмет на потпишаниот грант ќе биде финансирана изработката на физибилити студии и студии за влијанието на животната средина и социјалните аспекти на проектите“, истакна Ковачевски.
За директорот на „КfW“ за Македонија и Косово, Рене Ешеманн ова е голем важен чекор во соработката помеѓу двете држави и ја поздрави одлучноста на Владата за енергетска транзиција, обнова и пречиствање на енергетиката со зелени технологии.
Со средствата од грантот ќе се поддржат фотоволтаични електрани во РЕК Битола со капацитет поголем од 140 MW, рехабилитација на трета фаза на големите хидроелектрани, изградба на нов ветерен парк во Миравци, модернизација и надградба на комплексот Енергетика во Гази Баба, и соларна топлификација во Битола. Со имплементацијата на овие енергетски проекти би се зголемило производството на електрична енергија за околу 650 GWh (гигават/ час).