Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска ја посети детската градинка „Синоличка“ која претставува еден од објектите на ЈОУДГ „Ангел Шајче“, Општина Куманово, која што изминатиов период го прошири капацитетот за дополнителни 37 деца, со доизградба на нов дел поврзан со постоечкиот објект.
„Министерството за труд и социјална политика заедно со Владата вложува сериозно во предучилишното воспитание и образование, преку изградба на нови и проширување на постоечките капацитети, но и преку вложување во професионалните компетенции на вработените, стручните кадри кои работат со најмладите,“ истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи дека Општина Куманово е пример за успешно функционирање на концептот еднакво општество за сите, успешна приказна која е за поздрав, затоа што убавината на општеството ја даваат токму различностите кои го креираат мозаикот. За тоа потврдува и функционирањето на трета билингвална група и можност за децата преку дружење го разберат јазикот на своето другарче.
Министерката Шахпаска го поздрави одговорното однесување на вработените во детската градинка „Ангел Шајче“ и сите нејзини објекти за строго почитување на Протоколот за време на пандемија , кое резултирало со само едно позитивно дете на КОВИД-19, од отворањето на градинките до сега.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за труд и социјална политика и вработените на ЈОУДГ „Ангел Шајче“, и подготвеност за нови проекти, нови капацитети со цел обезбедување на што поголем опфат на деца во предучилишно воспитание и образование.
Министерството за труд и социјална политика за проширување на објектот „Синоличка“ обезбеди 10 милиони денари, со цел негово проширување за дополнителни 37 деца, кои заедно со постоечкиот дел од градинката овозможува вкупен капацитет од 164 деца.