Вицепремиерот Битиќи на средба со претставници на стопанската комора на фотографи и видео дејност и со претставници на туристичките водичи – Секој граѓанин е значаен, секоја дејност треба да се одржи

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес, оствари две одделни средби со претставници на Стопанската комора за фотографска и видео дејност на Република Северна Македонија, како и со претставници на Здружението на туристички водичи, со кои разговараше за актуелните случувања во овие дејности.
 
Вицепремиерот Битиќи истакна дека за Владата на Република Северна Македонија важен e секој еден граѓанин, како и дека во овој кризен период Владата направи сериозни напори за зачувување на работните места во сите дејности.
 
На состанокот со претставниците од Стопанската кoмора за фотографска и видео дејност, која е формирана неодамна, се разговараше за тоа како оваа дејност се подигне на едно повисоко ниво од сегашното, преку формализирање на лицата кои работат надвор од легалните системи во оваа дејност, или во сивата економија, истовремено поттикнувајќи ја здравата конкуренција, што ќе резултира со дополнително подигнување на квалитетот на фото и видео продукцијата и пониски цени за крајните потрошувачи. На тој начин во добивка би биле сите, и фото и видео продукциите кои би имале здрава конкуренција со соодветни цени за услугите, државата, но и граѓаните кои би добиле поквалитетни услуги со претходно познати цени.
 
Со туристичките водичи се разговараше за актуелните состојби во туризмот, како и спецификите на оваа дејност која е регулирана според регулативата за туризам, и која треба да се дорегулира во делот на оваа дејност која има низа ограничувања. Станува збор за специфична дејност, која е важна за промоција на културното наследство и богатство на нашата земја и туристичките водичи и придружници треба да бидат препознаени како туристички амбасадори на нашата земја. Важно е да се одржи оваа дејност, која по завршување на корона-кризата, особено од здравствен аспект, би можела да влијае на подобрување на туристичката понуда и севкупните туристички услуги и промоција на Република Северна Македонија.