Заев: Повеќе од 30% од произведената енергија е од обновливи извори - блиску сме до европскиот просек

„Со сите хидроцентрали кои ги имаме, ветерниците кои ни се поставени, во моментот 30% од производството на енергија во државата е од обновливи извори на енергија и тука сме блиску до европскиот просек. Со инвестиции во обновливи извори на енергија имаме основани причини дека ќе постигнеме повеќе од 50% на севкупното производство на енергија да бидат од обновливи извори“, рече премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање на тема енергетика.

„Фокусот кон just transition или целосно прилагодување и промена на јагленот како главен извор на производство на енергија со обновливи извори на енергија е еден од главните приоритети во државата. Насочени се сериозни капацитети и ресурси, впрочем тоа се најголемите инвестициски потенцијали што се случуваат во моментов и ќе се случуваат во следните години. Секој објект што се гради во државата или се реконструира е енергетски ефикасен. Максимално користиме поставување на фотонапонски централи на крововите во некои општини, во некои државни институции се работи на геотермалните пумпи, сѐ повеќе се воведува природниот гас дури не почне развојот на мрежата, некаде со компримиран гас се загреваат одредени институции со конечна цел нафтата и мазутот да бидат колку што е можно брзо променети.

Сѐ што инвестираме во државата од нови објекти се со енергетска ефикасност, но тенденцијата со сопствени ресурси да преминуваат комплетно на замена на системот со енергетски ефикасни системи“, рече премиерот Заев и ги наброи како примери затворот во Скопје, болницата Букурешт и струмичката болница.

Премиерот Заев објасни дека најбрза инвестиција за најбрз можен начин за раст на БДП е инвестицијата во енергија посебно во обновливите извори на енергија.

„Овде спаѓаат фотоволтаиците за кои во моментот најмногу се инвестира. Сакам да знаат граѓаните дека тие не одат веќе со фидинг тарифи, ниту со премиум тарифи, туку одат слободни на пазар.

Вториот аспект се ветерниците во државата каде се постави инвестиција вредна преку 500 милиони евра. Издадовме три лиценци за коишто се извадени веќе одобренија за градба, односно 30 мегавати во Богданци, 36 во Свети Николе и во Демир Капија уште 30-тина мегавати, значи некаде околу 100 мегавати се произведуваат само преку ветерници. На потегот Куманово – Крива Паланка има потенцијал од 400 мегавати со можна инвестиција без било каква фидинг тарифа“, рече премиерот Заев и додаде дека очекува тендерот за Чебрен овој пат да биде успешен поради добрите условите кои ги дава државата за обновливи извори на енергија.