„Јас споделив една идеја којашто е вредна за размислување и која ја ставам на оценка на нашиот народ за да го дадам мојот прилог за мојот народ, за мојата земја“, истакна во интервју за ТВ Сител претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев.
Тој додаде дека е уверен дека со сите искуства што ги стекнавме како општество можеме да направиме многу повеќе и да одиме со поголема брзина во унапредувањето кое е потврдено со одлични извештаи од ЕУ.
„Овој мој пристап покажува колку сум растеретен од таа страна. Јас тврдам дека можеме да имаме повеќе пратеници како поддршка во Собранието заради прифатливоста на идеите и политиките што ги застапуваме. И верувам дека тоа ќе се случи. Мојата понуда не е за утре. Може да биде за еден месец, за локалните избори, за следните парламентарни... Но треба некој да ја отвори оваа тема“, рече премиерот Заев во интервјуто.
„Ова е дел од мојата политика. Јас сум кандидат за претседател на СДСМ. На 21 март ќе ме бира членството. Моето членство треба да знае дека нивниот претседател има и вакви намери. Дека не е себичен да ја зграпчи власта и тој да владее. Ќе ја споделиме власта со сите ако сме победници. Затоа што постоиме како Заев, како СДСМ, како партии заради Северна Македонија. Тоа е нашата цел“, потенцираше Заев.
Како пример тој ги посочи ЦДУ и СПД во Германија, кои иако се ривали заедно се со децении, а таква пракса има и Швајцарија.
„На следните избори ќе победи СДСМ, ВМРО не може да победи. СДСМ ќе има доминација во Владата, ама ќе биде и ВМРО. Може на некои наредни ќе биде обратно. Така може и во албанскиот блок и кај помалите партии. Да ги дадеме најдобрите луѓе за да му го дадеме на народот најдоброто. Јас верувам во таа идеја, имам сон кој може да остане само сон, ама ако биде јаве може да биде подобро“, нагласи претседателот на Владата, Зоран Заев во интервјуто за ТВ Сител.