Вицепремиерот Битиќи на консултативна средба со граѓански организации за секторски политики за конкурентност и иновации - Преку секторски работни групи ги приоретизираме проектите важни за членството во ЕУ и подобар живот на граѓаните

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, учествуваше на консултативен состанок за секторски политики за конкурентност и иновации, кој се одржа во рамките на проектот „Со дијалог кон ЕУ“, а кој го спроведуваат граѓанските организации „Евротинк“,  „Центар за граѓански комуникации“, „Peak-op, истражување во акција“, а со поддршка од „Фондацијата отворено општество“ и Делегацијата на Европската Унија.

На оваа консултативна средба се презентираше извештајот „Ефектите од работата на СРГ за конкурентност и иновации и идните предизвици за подобрување на соработката помеѓу граѓанските организации и институциите“, за кој вицепремиерот Битиќи истакна дека е уште една алатка која ќе придонесе за развој на нов пристап кон креирање на секторските политики за конкурентност и иновации.
 
Вицепремиерот посочи дека секторската група за конкурентност и иновации, како дел од поширок систем на планирање е воспоставена во јули 2015 година, а иницијално беше замислено овој систем да овозможи структурирано приоретизирање на инфраструктурните проекти во земјата, заради создавање на единствена „Листа на проекти“, од која потоа се финансираат инфраструктурните инвестиции во земјата. Овој систем послужи и како механизам за практикување на секторскиот пристап во планирање на ИПА 2 и ИПА 3 средствата. Системот постојано се развива и денес има 12 секторски работни групи. Во групите членуваат претставници од заинтересираните страни, од јавниот и приватниот сектор, граѓанските организации, како и меѓународните партнери од ЕУ и други донатори, подвлече Вицепремиерот.
 
Битиќи се осврна на секторската работна група за конкурентност и иновации, како една од работните групи за која е и креиран извештајот во рамките на проектот „Со дијалог кон ЕУ“, кој беше презентиран на состанокот, при што посочи дека станува збор за комплексен и навистина обемен сектор, кој ги опфаќа сите аспекти од економскиот живот. Вицепремиерот додаде во моментот се работи на изработка на Стратегија за паметна специјализација која во наредниот период ќе биде донесена и која ќе ги трасира аспектите во кои државата особено ќе вложува во иднина. Притоа потенцираше дека не треба да се  заборави дека во моментот се одвиваат широки консултации и тече сеопфатен процес за подготовка на Национална развојна стратегија кон која ќе треба да се усогласат сите стратешки приоритети во државата.
 
Вицепремиерот Битиќи за време на состанокот рече дека е важна инволвираноста на сите чинители во државата, од јавните институции, па преку приватниот сектор претставен преку најрепрезентативните комори кои членуваат со свои номинирани претставници во секторската работна група за конкурентност и иновации.  Тој додаде дека секогаш има простор за поголема инклузивност, транспарентност и квалитет на работата на работната група, така што секоја организација која има мисија и работи на полето на зголемување на конкурентноста на домашната економија и иновациите, преку инклузивен раст, е поканета да да дадат свој придонес  во развојот на овие значајни области  во Република Северна Македонија, кои истовремено би значеле и искачување на државата на скалилото на успешност и повисок стандард за сите.