Заев за словенечко „Дело": Лустрацијата ја претворија во алатка за справување со политичките неистомисленици, требаше од почеток да ја наречат „Пресметка”

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев во интервју за електронското издание на угледниот словенечки весник „Дело“ за лустрацијата во нашата земја оценува дека доживеа фарсичен крај и дека беше исполнета со контроверзии и обвинувања за партиска политизација од самиот почеток уште од 2009 година.

„Целиот процес доби негативни оценки и критики од Брисел кога од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ беше побарано ревизија и укинување на Законот за лустрација и на неговата имплементација, бидејќи, како што беше наведено во извештајот на Европската комисија, како основа за лустрацијата биле користени идеолошки или партиски причини“, истакнува премиерот Заев во интервјуто за словенечко „Дело“.

Заев дополнува дека потоа следуваше и поништувањето на одлуките на Управниот суд, но дека веќе биле направени сериозни штети за луѓето и за нивната приватност и углед во сериозни димензии.

„Стана сосема јасно дека лустрацијата, односно верификацијата на фактите се претвори во алатка за справување со политичките неистомисленици. Требало од почеток да и дадат наслов - Пресметка”, вели Заев за „Дело“ и додава дека и ден денеска многумина од луѓето кои беа изложени на политички пресметки под маската на лустрацијата ја продолжија битката за правда пред македонските судови па и во Стразбур, сѐ додека не добијат сатисфакција заради повреда на нивните човекови права.