Средба на премиерот Заев со амбасадорите на земјава во држави на ЕУ: 100-процентно сме посветени кон ЕУ, по членството во НАТО

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска учествуваше во тематскиот работен состанок, организиран од Министерството за надворешни работи, со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, акредитирани во земји – членки на Европската Унија и во постојаните мисии во ЕУ и во НАТО.

На состанокот е направен осврт на годишнината од зачленувањето на Северна Македонија во НАТО и е разговарано за европските перспективи, во пресрет на Советот на ЕУ во јуни 2021 година. Во рамки на чекорите во овие процеси, дискутирано е за можностите за остварувањето на клучните стратешки надворешно-политички приоритети на Република Северна Македонија, по зачленувањето во НАТО, а во контекст на евроинтеграцискиот процес.

„Остануваме 100-процентно посветени кон ЕУ и на градењето пријателства, низ политиките на дијалог, добрососедство и разбирање, како и на домашните реформски процеси, во насока на заслужените придвижувања на Северна Македонија на полето на евроинтеграциите, по успешното членство во НАТО, а при тоа зачувувајќи го дигнитетот на македонскиот јазик и македонскиот народ“, рече премиерот Заев.

На средбата е нагласено значењето на успешно спроведување на пописот, како граѓанска одговорност на сите, утврдена со закон, со цел придонес во создавањето можности за креирањето ефикасни јавни политики за развој на државата.

„Владата е политички стабилна. Очекувам рационалност од опозицијата и ефикасна работа на Парламентот во следниот период, со цел натамошен развој на државата на политички и економски план“, рече премиерот Заев.

Тој се осврна и на економската ситуација во нашата држава, за предностите за инвестирање во земјава, за мерките што ги креира Владата со цел привлекување инвестиции и изрази очекување, амбасадорите, со својата дејност во државите членки на ЕУ, да помагаат на Северна Македонија како на политички, така и на економски план.

Премиерот Заев зборуваше и за здравствената ситуација во државата и соопшти дека Влада ги презема сите потребни и можни чекори во заштитата на јавното здравје и во справувањето со последиците од пандемијата.

Амбасадорите се заблагодарија за темелниот брифинг од премиерот Заев за состојбите во државата и за владините позиции по клучни прашања и споделија свои размислувања и искуства за актуелни теми од значење за граѓаните и за земјата.

Домаќин на работниот состанок со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во држави во ЕУ е министерот за надворешни работи, Бујар Османи.